Еве супер рецепт за сите љубители на пити кои се прават без месење. Ем се штеди време, ем месењето не е омилена кујнска работа. А штом станува збор за интегрална пита направена со маслинки и сирење, тоа е полн погодок.
Рецептот е испробан во кујната на Клара, па штом ви се најават гости, не двоумете се да ја пробате.

Состојки:
- 3 јајца
- 200 мл млеко
- 150 мл масло
- 130-150 гр сирење
- 120 гр сaлама (по желба)
- 13 до 15 маслинки (или по желба и повеќе)
- 260 гр интегрално брашно
- 1 ќесичка прашок за печиво
- сол и прстофат шеќер
- 2 варени (недоварени) јајца за декорација и малку сусам.
Подготовка:
- Варените јајца исечете ги на кругови.
- Сирењето издробете го со виљушка или изрендајте го. Саламата и маслинките ситно исечкајте ги.
- Во длабок сад за матење ставете ги јајцата. Со жица за матење изматете ги јајцата со прстофат шеќер.
- Потоа ставете ги млекото и маслото, и измешајте со жицата.
- Во садот додајте ги дробеното сирење, саламата и сечканите маслинки.
- Во чинија измешајте ги брашното, прашокот за печивото и малку сол по вкус. Додајте ги во смесата.
- Во намрсен плех со димензии 20х30 (во мојот случај 20х35) ставете хартија за печење. Истурете ја смесата и израмнете. Одозгора ставете ги исечените варените јајца и поросете со сусам.
- Печете на 200 степени додека питата убаво порумени одозгора. Печената интегрална пита со маслинки и сирење послужете ја топла. На здравје!
Рецептот го испратил: Клара Бос.
Ви предлагаме да прочитате: Здрава интегрална пица Маргарита.