Ако сакате да јадете нешто здраво и вкусно со многу протеини и витамини, пробајте го нашиот најнов сезонски специјалитет, пита со штавеј, јајца и сирење. Се подготвува брзо, лесно и едноставно, а ќе им се допадне на сите.
Штавејот е зелен листест зеленчук кој е лесно достапен на ливадите. Има голем број на здравствени придобивки за човечкиот организам, па затоа често се нарекува храна со супер својства. Води потекло од Европа, а една од неговите главни состојки е оксалната киселина, која му ја дава киселоста и карактеристичниот вкус. Содржи малку калории и висок процент на вода, а како резултат на тоа спаѓа во групата на здрава храна. Прочитајте ги тука, деталите за користа и здравствените продобивки од штавејот како дел од нашата исхрана и уверете се зошто не треба да пропуштите да ја направите оваа брза пита со штавеј.
Најдобро е да имате што повеќе штавеј на располагање, а сите останати состојки ги додавате во количина по желба. Ние обично ја правиме со повеќе од 1 кг штавеј, 5-6 јајца и сирење по вкус.
Состојки:
- штавеј
- јајца
- сирење
- масло
- сол.
Подготовка:
- Штавејот најпрво измијте го, па исечкајте го.
- Ставете го во тава и додајте малку вода, па оставете кратко да се обари. Откако водата испарила, додајте малку масло и со повремено мешање пропржете го штавејот.
- Јајцата изматете ги во посебен сад, а потоа во нив додадете го иситнетото сирење.
- Во тавата со пропржениот штавеј додајте ја смесата од јајца и сирење. По желба додадете малку сол, а потоа убаво измешајте.
- На крај, се става да се печи во загреана рерна на 200 степени, за време од 15 минути.
Прекрасно изгледа, а сите состојки во составот на оваа брза пита со штавеј се корисни за организмот. Може да ја сервирате топла и ладна, како предјадење, мезе или прилог. Изборот останува на вас. На здравје!