„Есенски вкуснотии од мојата кујна!“ – се првите зборови на Катерина од нашиот тим за ова јадење. Пријатно изненадена од вкусот на нејзината нова комбинација, со задоволство го споделува рецептот за вегетаријанско теријаки, кое може да послужи на многумина како посна и лесна идеја за ручек или вечера.
„Го правев по примерот на мојот испробан рецепт за лесна подготовка на пилешко во теријаки сос.“ – додава Катерина, а рецептот може да го прочитате тука.

Состојки:
- 2 модри патлиџани
- 1 помала или 1/2 поголема главица кромид
- малку масло
- сол и црн пипер по вкус.
За сос:
- 100 мл соја сос
- 1 полна лажица мед
- 1 лажица сусам
За прилог:
- 1 чаша бел ориз
- 3-4 црвени пиперки.
Подготовка:
- Прво ставете го оризот да се вари во поголема количина на вода. Откако оризот е скоро сварен, исплакнете го 4-5 пати во ладна вода со мешање, за да излезе вишокот на скроб кој го прави леплив. Исцедете го добро низ ситна цедалка. Прилогот е готов.
- Пиперките измијте ги и исечкајте ги на коцки со големина отприлика 2 см. Кратко запржете ги на силен оган со малку масло и тргнете ги во посебен сад.
- Во меѓувреме припремете ги модрите патлиџани, кромидот и сосот. Кромидот излупете го и главицата пресечете ја на половина, а потоа исечкајте ја на „месечинки“, односно долги кришки.
- Модрите патлиџани измијте ги, излупете ги и исечкајте ги на коцки со големина од околу 1-1.5см. Во малку масло, кратко запржете ги на ниска температура, а потоа во тавата додајте го и претходно припремениот кромид. Посолете по вкус и додајте црн пипер.
- Во сад добро измешајте ги соја сосот, сусамот и медот.
- Откако коцките од модрите патлиџани ќе се запржат, а кромидот добие стаклест изглед, во тавата додајте го и претходно припремениот сос. Динстајте уште 5-10 минути, или додека сосот малку се згусти и убаво се распредели.
- Во чинија сервирајте прво од оризот, а врз него ставете од вегетаријанското теријаки. Наросете со ситно сечкан магдонос за декорација и истакнување на вкусот и уживајте. На здравје!

Препорака од авторот:
„Уште по првата посета на Дубаи, се воодушевив од огромниот избор на јадења и ми беше вистинска забава дегустирањето на нови вкусови. Инспирирана од таму, барав соодветен рецепт кој кога ќе го пробам ме навраќа на убавите сеќавања, дегустации и незаменливата дружба со пријателите кои ги чувствувам како фамилија. Го прилагодив најблиску до тоа како што ме послужија во тамошниот ресторан и така, со радост, ова јадење стана дел од мојата избрана листа. И, иако има многу варијации за подготовка на овој јапонски специјалитет, откако го открив овој рецепт, кој скоро е невозможно да го погрешите, не престанав да го користам и мојата потрага конечно заврши. Дефинитивно препорачувам да го пробате!
Ако го направите и сакате да ве споделам на моето стори, тагирајте ме или испратете ми порака. Чест ми е кога ве инспирирам, па за многу повеќе рецепти и убави фотографии следете ме на моите профили Катерина Шамбевска Спасеновска на Instagram или Facebook.“ – вели Катерина.
Автор на рецепт и фото: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.
Ви препорачуваме да прочитате: Чиа пудинг со спирулина и авокадо.