Време е за посна пица! Засукајте ги ракавите и започнете со подготовка. Рецептот за оваа веге пица со маслинки и печурки ни го испрати Теодора, па со задоволство го споделуваме со вас.
Ако во деновите за пости сакате да направите пица, ова веге пица со маслинки и печурки е одличен предлог за вас. Комбинацијата на состојки е одлична, а предност е тоа што може да експериментирате и да ги менувате по ваша желба. Наведенети состојки во рецептот се доволни за три пици, а по потреба, може да ја зголемите количината.

Состојки:
За тесто:
- 500 г брашно
- 300 мл млака вода
- 1/2 свеж или сув квасец
- 1 лажичка сол
- 1 лажичка шеќер
- 50 мл масло.
За фил:
- доматно пире
- свежи пиперки
- свежи печурки
- маслинки
- домати
- туна (по желба)
- сусам
- кромид
- ротквица
- рукола
- оригано и босилек
- маслиново масло
- сол по вкус.
Подготовка:
- Во млака вода растопете го квасецот заедно со шеќерот.
- Во подлабок сад ставете го брашното и додајте сол. Направете длабнатина во средината и ставете ги квасецот и маслото. Замесете помеко тесто.
- Садот со тестото покријте го со кујнска крпа и оставете го да 30 минути да нарасне.
- Потоа, извадете го тестото на набрашнета површина и премесете го. Вратете го во садот и оставете го уште 15 минути.
- Во меѓувреме исечкајте ги состојките за филот.
- Од тестото формирајте 3 топчиња. На набрашнета површина, секое топче развлечете го во тенка кора.
- Тестото за пица ставете го во тава за печење. Врз кората ставете доматно пире, пиперки печурки, маслинки, домати, кромид, ротквица и рукола. Додајте туна по желба и сусам. Постапката повторете ја и со останатите кори.
- Пицата ставете ја да се печи во претходно загреана рерна на 250 степени, околу 10 минути.
- Кога пицата ќе биде готова, врз неа ставете оригано, босилок и сол по вкус и прелијте ја со малку маслиново масло. На здравје!
Автор на рецептот: Теодора Георѓиевска (gotvime.so.tea).
Ви препорачуваме да прочитате: Кашел пица со маслинки.