Ароматична и вкусна супа која ќе ви ја стопли стопли душата! По конзистенција е густа, по вкус интересна. Оваа млечна крем супа со лук изобилува со зеленчук и хранливи состојки, одлична е за да ве нахрани добро!
Ќе му се допадне на сите членови од семејството. Супер е за добар имунитет, па нема причина да не ја пробаме сите!

Состојки:
- 10 средни чешниња лук
- 2 компири (околу 400 гр)
- 1 морков
- 1/2 мала главица кромид
- 1 гранче магдонос
- 7 лажици масло
- 750 мл вода
- по вкус сол, бибер, мешан сув зачин.
За млечниот дел:
- 40 гр путер
- 40 гр брашно
- 400 мл млеко
- рендано морско оревче по вкус.
Подготовка:
- Компирот и морковот измијте ги, излупете ги и исечкајте ги на помали парчиња.
- Лукот и кромидот излупете ги и исечете ги на помали парчиња, исто така.
- Водата ставете ја да зоврие и потоа додајте го зеленчукот.
- Додајте ги и магдоносот, маслото и зачините по вкус. Оставете ги да варат околу 20 минути, за да омекнат.
- Во меѓувреме додека зеленчукот се вари подгответе го млечниот дел.
- Во сад ставете го млекото да се загрее.
- Во друг ставете го путерот да се растопи, па додајте го брашното и малку пропржете го со постојано мешање за да не загори. Додајте го млекото и мешајте со жица за да се изедначи смесата и да нема грутчиња. По вкус додајте и рендано морско оревче и тргнете го од огнот.
- Варениот зеленчук изблендирајте го додека премине во изедначена смеса и потоа додајте го млечниот дел, па повторно изблендирајте за убаво да се изедначат состојките. Пробајте за вкус и по желба додајте уште зачини.
- Готовата крем супа со лук послужете ја топла со сечкан магдонос и препечено лепче. На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви препорачуваме да прочитате: Посна крем супа со лук.