Домашен бурек со мелено месо 1

Домашен бурек со мелено месо

За љубителите на месени печива, благодарение на Кате, споделуваме одличен рецепт за домашен бурек со месо!

Може да го јадете за појадок или за ручек. Ви предлагаме да го сервирате со чаша јогурт или салата и да се препуштите на вкусното задоволство!

Домашен бурек со мелено месо

Состојки:

За тесто:

  • 500 гр брашно
  • 300 мл млака вода
  • 1 лажичка сол.

За фил:

  • 400 гр мешано мелено месо
  • 1 главица кромид
  • масло по потреба
  • вода по потреба
  • црн пипер по потреба
  • мешан сув зачин по потреба.

Подготовка:

  1. Прво подгответе го филот. Во тава со малку масло пропржете го кромидот и додајте го меленото месо.
  2. Наросете црн пипер и мешан зачин, малку вода и оставете да се пропржи додека месото ја смени бојата. Не пржете го многу, за да не стане суво при печењето.
  3. Наместо месо може да употребите други состојки, како што се спанаќ, сирење, блитва и слично, по желба.
  4. Од состојките за тесто замесете средно меко нелепливо тесто.
  5. Тестото поделете го на 4 дела и формирајте топчиња. Секое топче премачкајте го со масло па оставете ги да стојат околу 10 минути.
  6. Од секое топче со сукало развлечете мала кора, со ширина колку мала плитка чинија.
  7. Малите кори ставете ги во претходно намрсени чинии со масло и секоја кора мачкајте ја убаво со масло, па оставете ги да стојат 20-тина минути.
  8. На убаво намрсената површина со раце развлечете ја првата кора, колку што може потенко. Исечете ги подебелите краеви и здиплете ја во форма на круг.
  9. Развлечете ја втората кора и на средина ставете ја здиплената прва кора. Нанесете од филот само на здиплената кора и преку неа префрлете ги краевите од втората кора, за убаво да се затвори бурекот.
  10. Вака здиплениот бурек тргнете го настрана и развлечете ја третата кора. Во средина на неа ставете го дотогаш свитканиот бурек и врз него ставете од филот. Краевите на развлечената кора префрлете ги пак преку филот и оставете го настрана. Повторете ја постапката и со четвратата кора.
  11. Од исечените краеви од секоја кора формирајте топче и од него развлечете уште една кора како слој на самиот бурек.
  12. Печете на 200 степени, додека убаво порумени (околу 30 минути).

Рецептот го испратил:  Катерина Милошевска Глигороска.

Ви препорачуваме да прочитате: Лажен бурек со мелено месо.

Сподели: