Овој супер вкусен рецепт за домашна паштета од пилешко месо ни доаѓа од кујната на Невена. Вкусна е и посакувана и од децата и од возрасните за да биде дел од оброците. Пробајте ја, нема да зажалите!
Невена вели: „Јас ја ставив во силиконскиот калап за векни, потоа ја превртивме и ја украсивме со топчиња јогурт. Затоа што нема никакви конзерванси, најдобро е да се изеде за 2-3 дена, да не стои премногу.“ Ова е супер добра препорака нели? – Еве го рецептот!

Состојки:
- 450 гр пилешко бело месо
- 300 гр пилешки џигерчина
- 1 среден морков
- 2-3 гранчина магдонос
- 1 мала главица кромид
- 1 ловоров лист
- 30 мл бело вино
- 60 гр путер
- по вкус мешан сув зачин, сол и бибер, мајчина душичка
- по потреба масло и вода
- 2 чешниња лук.
Подготовка:
- Пилешкото бело месо исечете го на помали парчина и ставете го во тенџере. Додајте го морковот исечен на коцки, магдоносот, зачините по вкус и 2 чаши вода. Оставете го да се вари околу 30-40 минути додека месото омекне.
- Внимавајте при варењето. Треба да остане малку вода, па затоа ако е потребна дополнителна количина од првичната, додајте.
- Во друга тава подгответе ги џигерчињата.
- Кромидот и лукчето ситно исечкајте ги и пропржете ги со 4-5 лажици масло и 1 лажица путер (околу 20 гр). Додајте ги џигерчината, ловоровиот лист, виното, зачините по вкус и оставете ги да се испржат додека течноста испари. Потоа тргнете ги на страна и пред блендирање извадете го ловоровиот лист.
- Во погоден сад за блендирање ставете го месото,морковот и магдоносот исцедени од водата и додајте ги џигерчината и останатиот путер (40 гр).
- Блендирајте ги додека добиете изедначена мазна смеса. Притоа додајте неколку лажици (10 -на) или по потреба од течноста во која варело месото за паштетата да не биде премногу сува. Пробајте ја за вкус и ако е потребно додајте сол, црн пипер или зачин.
- Готовата паштета ставете ја погоден сад и оставете ја малку во фрижидер да се разлади пред да ја мачкате на лепче. На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви препорачуваме да го прочитате и рецептот: Домашна пилешка паштета.