Ако барате рецепт за здрава, вкусна домашна пилешка супа која не содржи глутен, засилувачи на вкус и други адитиви, ви предлагаме да го пробате рецептот од нашата кујна. Оваа супа е богата со зеленчук, кој изобилува со растителни влакна и е идеална за сите кои внимаваат на својата тежина и сакаат да водат здрав живот.
Состојки:
- 1 батак или пилешки стек
- ½ тиквичка со средна големина
- 1 среден компир
- 2 листови блитва
- 2 лажици мешан сушен зеленчук за супа (морков, пашканат, целер, праз, кромид и магдонос)
- свеж магдонос
- куркума
- сол
- црн пипер
Подготовка:
- Батакот ставете го во тенџере со вода да се вари. Варете го за време од 15 минути. Потоа извадете го тенџерето, и месото исечкајте го на парчиња.
- Компирот и тиквичката исечкајте ги на мали коцки.
- Листовите блитва и свежиот магдонос ситно исечкајте ги.
- Во тенџере на оган ставете 3 чаши од течноста во која се вареше батакот и додајте 3 чаши вода. Во тенџерето додајте ги пилешкото месо, тиквичката, компирот, блитвата и зачините за супа да се варат.
- Штом водата ќе зоврие додајте ја куркумата, посолете и зачините со црн пипер. Варете на оган на средна температура уште 15 до 20 минути. На крајот од варењето додајте го сечканиот свеж магдонос, а потоа супата тргнете ја од оган.
- Приготвената пилешка супа со зеленчук послужете ја додека е топла. На здравје!