Здрави палачинки од банани - без шеќер и без брашно 1

Здрави палачинки од банани – без шеќер и без брашно

Ваквите рецепти се за обожавање, брзо и без матење! Еднаш се пробува, се „заљубувате“ и тоа е тоа, љубовта си трае бесконечно долго! Во желба за поинаков појадок и размрдување на секојдневието, идејата за здрави палачинки од банани се појави и мораше да биде испробана. Беше неделно утро кое остави впечаток, па неизбежно е да се сподели вкусното искуство со сите вас!

Испробано веќе неколку пати, од оваа доза се добиваат околу 20 палачинки, зависно од големината. Совршени се за сите членови на семејството. Меки, нежни, сочни и пријатно слатки. Ние ги комбиниравме со природен темен мед, бадеми и лешници. По желба може да ги сечкате или да ги измелите. Убаво одговараат и со чоколаден крем, но ние сепак се држиме до медот. Нека биде здраво и вкусно во секоја чинија, на здравје пријатели!

Здрави палачинки од банани - без шеќер и без брашно 2

Состојки:

  • 2 банани
  • 2 јајца
  • 1/2 чаша овес (ситен или иситнет во блендер/мелница, а може и со овесно брашно)
  • 1 лажичка екстракт од ванила
  • 1/2 лажиче цимет

За прилог:

  • мед по потреба
  • бадеми и/или лешници по желба.

Подготовка:

  1. Во сад ставете ги бананите и испасирајте ги со помош на виљушка.
  2. Додајте ги јајцата и екстракстот од ванила. Малку измешајте.
  3. Потоа додајте ги претходно иситнетиот овес и циметот. Убаво измешајте и смесата е готова.
  4. Печете во нелепчива тава за печење, така што пред да ја затоплите пребришете ја со намрсена кујнска хартија со масло.
  5. Кога тавчето е загреано, од смесата нацрпете полна лажица и турете ја во една „точка“ на добро загреаното тавче. Под дејство на топлината смесата самата ќе се рашири и ќе се оформи кружната форма на палачинката. Препорачуваме температурата на печење на палачинките да не биде премногу силна, туку умерена за да избегнете да ви изгорат по површината.
  6. Кога ќе се појават меурчиња на горната страна од палачинката, значи дека долната страна се испекла и е време да ја превртите од другата страна. Откако ќе ја превртите, потребно е малку време да се допечи.
  7. Постапката повторувајте ја додека се потроши смесата.
  8. По желба оставете малку да се изладат, па сервирајте ги. Нашиот предлог е да ставите палачинка, па да нанесете природен мед и јатки, па повторно палачинка и фил, додека сте задоволни со висината. 6-7 палачинки се идеални за вакво сервирање, а најлесно се јадат, ако се пресечат со нож во вертикала, а се јадат со виљушка. Како и да одличите да ги јадете, нема многу да ви смени, идеално добри се!

Ви препорачуваме да прочитате: Здрави мини палачинки со капинки.

Сподели: