Од нашата кујна, направено со љубов од внимателно избрани состојки! Здравиот животен стил е наш императив, па се трудиме секојдневната исхрана да ја исполниме со што повеќе интересни јадења кои се добри за здравјето. Да се направи нешто што само е вкусно, лесно е, но да се направи нешто здраво и вкусно е предизвик! Па, предизвикот е остварен и топло ви препорачуваме да го пробате нашето здраво лепче со маслинки, семиња и домати!
Идејата за оваа вкусно лепче потекнува од љубовта кон италијанската кујна, или поточно речено пицата Маргарита во која главни состојки се доматите, босилекот и моцарелата. Секако ние ставивме бело сирење кое е карактеристично за нашето поднебје, а вкусот го надополнивме и со други состојки.
Сакавме да подготвиме нешто што е така вкусно, а да биде здраво за да може да јадат што повеќе луѓе. А, бидејќи за подготовка на ова лепче кое на некој начин може да се нарече и солена торта, се потребни повеќе состојки, предлагаме прво да ги организирате, а потоа да започнете со подготовката. Во листата на состојки, делумно ја објаснуваме припремата на состојките, а во делот за подготовка ќе можете да прочитате подетално. Во секој случај, вкусот е одличен и ви препорачуваме да не ве плаши постапката, туку да се охрабрите и да го подготвите за себе и за семејството!

Состојки:
- 2 чаши овесни снегулки, иситнети во блендер
- 1/2 чаша ржано брашно
- 1 ќесичка прашок за печиво
- 2 и 1/2 лажици семки од тиква
- 2 лажици ленено семе
- 1 лажица чиа семе
- 2 средно големи домати, ситно сечкани
- 60 мл вода
- 3 јајца
- 1/2 чаша вода
- 2 лажици маслиново масло
- 15 ситно сечкани зелени маслинки
- 1 и 1/2 чаша рендано сирење
- 13-15 листови ситно сечкан свеж босилек.
Подготовка:
- Најпрво измешајте ги сувите состојки. Во сад ставете ги претходно избелндираните овесни снегулки и претворени во брашно, додајте го ржаното брашно, прашокот за печиво и измешајте.
- Потоа додајте ги семките од тиква, лененото семе, чиа семето и малку измешајте.
- Доматите измијте ги, исечете ги на ситни коцки, па со 60-те мл вода ставете ги во тава на оган за да омекнат. Околу 10 минути ќе бидат доволни, а потоа оставете ги да се изладат.
- Во меѓувреме, ситно исечкајте ги маслинките и изрендајте го сирењето.
- Босилекот измијте го и ситно исечкајте го.
- Кога се е спремно и додека се ладат доматите, во поголем сад изматете ги јајцата со миксер додека се претворат во густ крем.
- Потоа, во садот додајте ги изладените домати со течноста, додајте уште половина чаша вода, 2-те лажици маслиново масло и измешајте со лажица.
- Додајте ги ситно сечканите маслинки, босилекот и ренданото сирење.
- На крај, пополека со постојано мешање со лажица, додавајте ги претходно измешаните суви состојки во течната смеса.
- Кога добро се изедначила смесата, ставете ја да се печи во тава со големина бр. 30. Тавата обложете ја со хартија за печење и печете во загреана рерна на 180 степени додека убаво зарумени. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Ивино интегрално лепче со ореви.