Зимското јаболко ретко се среќава на нашите пазари, а има голем број на здравствени придобивки. Во различните краеви во земјата, покрај зимско јаболко, овој зеленчук е познат како шалгани, земјени јаболка и кркушки. Често се наоѓа во природата, а на нас останува да го вклучиме во нашата исхрана и да ги искористиме благодетите кои ги нуди.
Може да се јаде свежо или приготвено, а одлично се вклопува во супи и салати. Здравствените придобивки се следните:
Редовната консумација на зимско јаболко го стимулира растот на корисните бактерии во цревата
Благодарение на големата количина на инулин која што ја содржи зимското јаболко, се вбројува во една од најдобрите храни која има пребиотички карактеристики. Инулинот е пребиотик кој поволно влијае на здравјето, благодарените на медицинските својства кој ги поседува. Многу од нив се поврзуваат со фактот дека инулинот има можност да го стимулира растот на бифидобактериите. Бифидобактериите природно се среќаваат во дебелото црево и се борат со штетните бактерии во цревата, превенираат појава на запек и го зајакнуваат имуниот систем. Некои истражувања покажале дека овие бактерии помагаат да се намали концентрацијата на одредени канцерогени ензими во цревата.
Богато е со витамините од групата Б
Зимското јаболко содржи витамини од групата Б, а особено тиамин, така што во 100 грама свежо зимско јаболко има 0.2 мг тиамин, со што се задоволуваат 13% од дневните потреби на организмот за овој витамин. Тиаминот кој е познат како Б1 е вклучен во голем број на функции на телото. Тој е неопходен за правилна функција на нервниот систем и мускулите. Исто така, тиаминот е потребен за правилен метаболизам на јаглените хидрати како и за производство на хлороводородна киселина во желудникот, која е потребна за правилно варење на храната. Природното ниво на хлороводородна киселина се намалува со годините, па затоа се препорачува постарите лица во својата исхрана да го вклучат зимското јаболко или друга храна која ќе го поттикне производството на хлороводородна киселина.
Зимското јаболко има позитивен ефект врз шеќерот во крвта
Гликемскот Индекс (ГИ) на зимското јаболко е 50, така што спаѓа во групата на храна со средна вредност на ГИ. Гликемскиот индекс ја класифицира храната врз основа на нејзината способност да го зголемува нивото на гликоза во крвта. Јагленохидратите во храната со висок ГИ, се разградуваат во едноставни шеќери за многу брзо време и предизвикуваат нивото на гликоза во крвта рапидно да се зголеми. По оваа следи фаза на нагло опаѓање на гликозата во крвта. Доказите покажуваат дека овие промени на нивото на шеќер во крвта кои се поврзани со високиот ГИ на храната може да го зголемат ризикот за појава на здравствени проблеми како што се срцеви заболувања, замор, промени во расположението, зголемен глад, отпорност на инсулин и дијабетес. Спротивно на нив, храната која има мал и среден ГИ, како што е зимското јаболко, се вари бавно и не предизвикува брз пораст и опаѓање на нивото на гликоза во крвта.
Исто така, консумацијата на храна со мал и среден ГИ може да биде од корист кај лица кои сакаат успешно да ја намалат телесната тежина. Кога јагленохидратите од храна предизвикуваат нивото на шеќер во крвта да се зголеми, нашиот организам реагира така што се лачи хормон од панкреасот познат како инсулин. Една од биолошките улоги на инсулинот е да го стимулира преносот на глукозата од крвта во црниот дроб, мускулите и масните клетки, каде што се чува и се користи како резерва на енергија. Колку се повисоки нивата на шеќер во крвта, повеќе енергија се складира, најчесто во форма на телесни масти.
Зимските јаболка изобилуваат со калиум
Зимското јаболко содржи повеќе калиум во споредба со бананите. Во 100 грама свежо зимско јаболко има 429 мг калиум, а додека бананите содржат 358 мг од овој значаен минерал. Калиумот е есенцијален за добро здравје и е особено значен за здраво срце и правилна функција на мускулите.
За убава и здрава коса јадете зимско јаболко
Благодарение на железото, бакарот и витаминот Ц кој што ги има во задоволителни количини, зимските јаболка го подобруваат здравјето на косата. Железото го носи кислородот до косата, а со тоа ги чува фоликулите здрави. Истражувањата покажуваат дека малите резерви на железо во организмот, се една од најчестите причинители за опаѓање на косата кај жените пред менопауза. Слично како железото, бакарот го превенира опаѓањето на косата и го засилува нејзиниот раст. Витаминот Ц е потребен за синтеза на колаген, кој што има улога да ги зајакне фоликулите на косата и да ги одржува здрви крвните садови на скалпот. Покрај тоа витаминот Ц, ја подобрува апсорпцијата на железо од храната.