Екстрактот од ванила е состојка која често се спомнува во рецептите за подготовка на колачи или торти. И, иако овој екстракт лесно може да се купи во сите поголеми супер маркети, неговиот вкус и арома ќе бидат уште подобри доколку си го направите дома. Знаете ли дека лесно и едноставно може да си направите домашен есктракт од ванила кој ќе го збогатува вкусот на сите ваши слатки задоволства? – Во продолжение дознајте како.
Ваквиот домашен екстракт е за нијанса послаб од купечкиот, па ако во рецептот е наведено да ставите една лажичка, вие зголемете ја дозата на две. Од оваа количина на состојки треба да добиете околу 250 мл екстракт. По желба, состојките може да ги зголемите или намалите.

Како да направите домашен екстракт од ванила?
Потребни состојки:
- 5 стапчиња ванила
- 250 мл водка, рум, бурбон или коњак.
Начин на подготовка:
- Стапчињата ванила пресечете ги на ленти, но не до крај, така што ќе останат споени на краевите.
- Пресечените стапчиња ванила ставете ги во стаклена тегла.
- Теглата дополнете ја со алкохол по ваш избор. Може да користите водка, рум, бурбон или коњак. Со водка, вкусот на ванила ќе биде најчист, најинтензивен и најизразен. Нека стапчињата во целост бидат потопени со алкохолот.
- Теглите со алкохол и стапчиња ванила добро затворете ги и енергично тресете ги околу 30 секунди, а потоа оставете ги на мрачно и ладно место да стојат околу 2 месеци.
- Секоја недела теглата протресувајте ја околу 10 секунди.
- По околу 6 недели, екстрактот од ванила ќе биде спремен за користење, но дури по 2 полни месеци аромата на ванила ќе биде целосно изразена и интензивна.
- Ако кога ќе ја отворите теглата прво почувствувате мирис на алкохол, тоа значи дека екстрактот сѐ уште не е готов и треба да постои уште малку време.
Ви препорачуваме да прочитате: Домашни екстракти во повеќе вкусови.