Дали некогаш сте се запрашале зошто чили пиперките се толку лути? Чили пиперките изобилуваат со капсаицин, состојка која им ја дава лутината на лутите пиперки и претставува моќен лек против многу заболувања кај човекот. Се наоѓа во свежи, сушени или мелени лути пиперки. За мерење на лутината се користи скала која е наречена„Scoville scale“. Чистиот капсаицин има дури 16 милиони Scoville единици, што значи дека е многу силен, па неговата лутина би ја почуствувале дури и кога би го консумирале разреден за милион пати. Затоа, доколку сега почнувате за прв пат да воведувате луто во вашата исхрана, започнете со многу мали количини, па потоа постепено можете да ја зголемувате дозата.
Лутите пиперки се користеле уште во древната медицина за лечење на проблеми поврзани со дигестивниот систем и циркулацијата. Најмногу ги користеле Корејците, Индијците, Јапонците и Кинезите. За лутите пиперки, подолго време се веруваше дека предизвикуваат чир на желудникот, но најновите истражувања го потврдија токму спротивното. Моќната состојка капсаицин со која тие изобилуваат, не само што не предизвикува чиреви, туку и го спречува неговото настанување. Капсаицинот ги уништува бактериите кои се внесуваат преку храната и го стимулира производството на желудочните сокови кои го одржуваат желудникот здрав. Воведувањето на капсаицинот во исхраната може да ги ублажи симптомите на настинка, киселини во желудникот, мачнини, гихт, па и на хемороиди и други проблеми.

Лутите чили пиперки може да ги консумирате свежи или сушени и мелени како зачин за кулинарски цели. Мелениот чили можете да го додавате во веќе готови јадења или за време на готвењето, а од него може да припремите дури и чај или сок. Консумацијата на капсаицинот во секој случај ќе влијае поволно врз вашето здравје на многу начини и тоа:
Помага при проблеми со дигестивниот систем и при менструални тегоби
Во умерени дози, капсаицинот ги олеснува грчевите и болките во цревата и стомакот, а во исто време ја потикнува дигестијата на храната. Го засилува лачењето на дигестивните ензими и се бори против штетните бактерии кои би можеле да предизвикаат инфекција. Исто така, помага и при проблеми поврзани со менструалниот циклус.
Помага во намалувањето на тежината
Лутиот вкус на капсаицинот поттикнува создавање на топлина во организмот, што е познато уште како процес на термогенеза. Овој процес поттикнува дополнителна потрошувачка на калории, па благодарение на него се топат масните наслаги во телото. Неколку студии покажале дека капсаицинот го намалува апетитот, односно воспоставува рамнотежа помеѓу чувството на глад и ситост, па поради тоа тој се препорачува за сите кои сакаат да ослабнат. Како еден метод кој се применува е лицата кои се склони кон прејадување, за предјадење да изедат салата со додаток од чили пиперка или зачин.
Лутото штити од настинка
Лицата кои се долго време изложени на студ и влага треба да ги консумираат чили пиперките, затоа што тие помагаат за создавање на отпорност од настинка и воспаление на грлото.
Помага кај лица заболени од дијабетес
Редовната консумација на лутите пиперки може да го спречи настанувањето на дијабетес тип 2. Некои истражувања покажаа дека капсаицинот ги ублажува и болките кај дијабетичарите.
Го намалува ризикот од појава на канцер
Капсаицинот дејствува како силен антиоксиданс и ги уништува слободните радикали кои ги оштетуваат клетките. На тој начин, го намалува ризикот од појава на разни облици на тумор, а позитивно дејствува и во самиот процес на лечење на тие болести, особено на ракот на простата или дебело црево. Некои истражувања покажаа дека канцерот на простата може да се намали дури за 80% доколку е изложен на дејството на капсаицинот.
Ви препорачуваме да прочитате: Чили кон карне – традиционално мексиканско јадење.