Копар – ароматичен зачин богат со витамини

Копарот потекнува од Медитеранот и Јужна Русија, а се користи од најстари времиња. Најчесто се употребува како зачин, а исто така и како чај, кој ги смирува стомачните грчеви кај бебињата.

Ова растение е една од најдобрите функционални храни. Во 100 грама копар има само 43 калории, но содржината на фитонутриенти не е помала во споредба со високо калоричната храна, како што се јаткастите плодови, цереалиите или пак месото. Од витамините застапени се ниацин, пиридоксин, фолна киселина, витамин А, бетакаротен, витамин Ц, а исто така богато е со растителни влакна, кои што помагаат во контролирањето на нивото на холестерол во крвта.

100 грама копар ги задоволуваат дневните потреби на организмот:

  • 37,5% за фолати Б11
  • 14% за витамин Б6
  • 23% за витамин Б2
  • 140% за витамин Ц
  • 257% за витамин А
  • 21% за калциум
  • 82% за железо
  • 55% за манган

Витаминот А и бета каротенот се природни флавоноидни антиоксиданси. Сто грама пролетни листови копар задоволуваат 257% од дневните потреби на организмот за витамин А. Витаминот А е потребен за одржување на здрави мукозни мембрани и кожа, а е неопходен за добар вид.  Консумирањето на природна храна која е богата со флавоноиди му помага на организмот во заштитата од канцер на белите дробови и усната празнина.

Копарот е одличен извор на витамин Ц. Во 100 грама копар има околу 85 милиграми витамин Ц, со што се задоволуваат 140% од дневните потреби на организмот за витамин Ц. Витаминот Ц му овозможува на телото подобро да се бори против инфекции и го штити од слободни радикали.

копар

Покрај тоа, копарот ги содржи минералите: бакар, калиум, калциум, магнезиум, железо и манган. Калиумот е значајна компонента на клетките, а помага за одржување на правилен срцев ритам и крвен притисок. Копарот содржи голем број на хемиски состојки кои што имаат антиоксидантни, превентивни карактеристики и кои го подобруваат здравјето.

Листовите на копарот во пролет и семето содржат есенцијални масла како што се дилапиол, еугенол, лимонен, терпинен и миристицин. Есенцијалното масло еугенол се користи во фармацевтската индустрија за производство на локални анестетици и антисептици. Исто така е утврдено дека ова масло ги намалува крвниот шеќер кај дијабетичарите.

Маслото од копар, кое се добива од семето поседува антиспазмолитички, карминативни, дигестивни, дезинфекциони и седативни карактеристики.

Копарот најдобро е да се користи во свежа состојба, но може да го замрзнете или пак исушите. Се комбинира заедно со лук и црн пипер во јадења од риба, супи, салати и таратур, а кај нас најчесто се користи како зачин за кисели краставички.

Сподели: