Е ова е вистинско уживање за секоја сезона. Одлична комбинација од крем, овошје и целуфки, споени во кремаста непечена торта.
И благодариме на Клара за споделениот рецепт, кој во првата прилика ќе го пробаме. Нема да ви одземе многу време за подготовка, а сигурни сме дека оваа фантастична торта ќе му се допадне на целото семејство. И што е најважно, нема печење!

Состојки:
- 2 1/2 паковање целуфки (околу 25 парчиња)
- 750 мл млеко
- 3 ќесички прашок за пудинг од шумско овошје (малини, јаготки, ванила, вкус по желба)
- 8 – 9 лажици шеќер
- 130 гр путер
- 500 мл слатка павлака
- по желба потпечени крупно мелени лешници
- по желба капини (малини, јаготки, околу 2 грста).
Подготовка:
- Во тенџере на оган, на средно висока температура ставете 500 мл млеко да се вари. Во длабока чинија ставете ги прашокот за пудинг и шеќерот. Измешајте со лажица. Во чинијата додајте го преостанатото млеко и мешајте со лажицата за да се добие хомогена смеса.
- Штом млекото зоврие, во тенџерето додајте го разматениот пудинг. Континуирано мешајте за време од 3 до 5 минути, додека пудингот се згусти.
- Тенџерето тргнете го од оган и оставете го за време од 5 до 10 минути да се излади.
- Во пудингот додајте го путерот и добро измешајте со миксер за да се соедини смесата.
- Пудингот оставете го да се излади.
- Во меѓувреме изматете ја слатката павлака.
- Врз рамна површина на која ќе ја редите тортата, најпрво намачкајте една лажица од изматената павлака и убаво распоредете ја на секаде.
- Потоа наредете ги половината од целуфките и мачкајте со павлака за да не се лизгаат.
- Врз нив нанесете половина од пудинг кремот, па распоредете од овошјето.
- Над пудингот размачкајте половина од павлаката и потоа повторете ја постапката повторно, ред целуфки, слој од пудинг, овошје и на крај останатата слатка павлака измешајте ја со лешниците и премачкајте.
- Кремастата непечена торта оставете во фрижидер за добро да се стегни (најдобро да стои преку ноќ), а потоа може да уживате во сочните парчиња. На здравје!
Рецептот го испратил: Клара Бос.
Ви предлагаме да прочитате: Непечена торта со ресани и крем банани.