Кремаста торта со малини 1

Кремаста торта со малини

Летото е совршено за брзи, лесни и освежителни овошни десерти. И, иако на сите во лето омилен десерт ни е сладоледот, некогаш за промена можеме да направиме и по некоја овошна торта. Сигурно никој нема да има приговор доколку вкусна и свежа. Благодарение на Лана, денес споделуваме со вас баш таков рецепт за кремаста торта со малини, која има крцкава кора, а внатре е исполнета со вкусен кремаст сладолед од малини. Совршена комбинација за летно освежување!

Сезоната на малините е тука, па ајде да ги искористиме и да ги израдуваме домашните со вкусен овошен десерт. Ем се вкусни, ем  се здрави и декоративни. Па, јадете малини и ова лето бидете во топ форма. А, сега да се вратиме на десертот.

Кремаста торта со малини 2

Состојки:

За кора:

  • 2 белки
  • 100 г шеќер
  • лимонов сок

За фил:

  • 200 г слатка павлака
  • 100 г кисела павлака
  • 2 лажици шеќер во прав
  • 200 г малини.

Подготовка:

  1. Најпрво подгответе ги корите за тортата. Одделете ги белките од жолчките. Потоа во длабок сад со помош на миксер изматете ги белките во цврста пена. Притоа, постепено додавајте го шеќерот. На крај додајте и малку лимонов сок и внимателно промешајте.
  2. Вака подготвената смеса ставете ја во готварски шприц со тркалезен отвор.
  3. Плехот за печење обложете го со мрсна хартија. Врз хартијата нацртајте два круга со дијаметар од 18 см.
  4. Внатрешноста од нацртаните кругови исполнете ја со содржината од шприцот.
  5. Вака подготвените кори за торта печете ги во претходно загреана рерна на 100 степени околу 1 час.
  6. Потоа, исклучете ја рерната и оставете ги корите целосно да се изладат на плехот.
  7. Подгответе го кремот од малини. Во длабок сад изматете ја слатката павлака во цврст шлаг.
  8. Додајте шеќер во прав по ваш вкус.
  9. На крај додајте ја и киселата павлака, а притоа внимавајте да не ја изматите премногу со миксерот.
  10. Изладените кори внимателно извадете ги од плехот и преместете ги во рамна чинија.
  11. Првата кора премачкајте ја со претходно подготвениот фил и посипете ја со малини. Врз малините ставете ја и другата кора и украсете ја со преостанатите малини.
  12. Вака подготвената торта со малини поросете ја со шеќер во прав и пред служење изладете ја во фрижидер.

Ви препорачуваме да прочитате: Овошен сладолед со малини и слатка павлака.

Сподели: