На Инстаграм може да се најдат повеќе креативни профили на млади девојки и момци кои секојдневно ги објавуваат своите рецепти. Затоа, одлучивме да ги вклучиме најдобрите македонски фуд блогери од Инстаграм и да ги презентираме вкусните рецепти кои ги приготвуваат. Меѓу нив е и блогерот Дејан кoj испрати еден интересен рецепт за крцкави зачинети печурки.
„Се прават многу брзо и едноставно, а сепак се многу вкусни. Дејан вели дека ви се потребни 10 минути за да ги направите, а само 3 за да ги изедете.

Состојки:
- 100 г брашно
- 1 лажичка мелен пипер
- 1 лажичка црвена пипер (димена)
- 1 лажичка лук во прав
- 1 лажичка сол
- 1 лажичка мајчина душица
- 1 лажичка оригано
- 200 г свежи шампињони
- 50 мл газирана вода.
Подготовка:
- Во длабок сад ставете ги сите суви состојки. Потоа додајте ја газираната вода и мешајте. Треба да добиете густа смеса како онаа за американски палачинки.
- Печурките исечкајте ги на половина.
- Исечканите печурки потопувајте ги во смесата и ставајте ги да се пржат во претходно загреано масло на температура од 160 – 170 степени. Пржете ги 1 до 2 минути на едната страна, а потоа уште 1 до 2 на другата. Пржените печурки треба да добијат златно кафеава боја.
- Испржените печурки ставајте ги на кујнска хартија за да се впие вишокот на масло. Сервирајте ги и уживајте во вкусните зачинети печурки.
Совет од авторот:
Највкусната комбинација за сервирање на крцкавите печурки е сосот од сенф и мед кој се прави лесно и брзо. Сосот треба да содржи 60% сенф и 40% мед, а се додава и 1 лажичка сок од лимон. И за крај, гответе со љубов и бидете секогаш насмеани.
Автор на рецептот: Дејан Главчев, @glavcevdejan.
Ви препорачуваме да прочитате: Тортелини во кремаст сос со печурки и ореви.