Веруваме дека сите знаеме да направиме вкусна чорбичка или супа од малку зеленчук и месо, а сега ви предлагаме еден симпатичен рецепт за вкусна чорба од тиквички, која лесно и брзо се подготвува дома. Се надеваме ќе ви се допадне!
Нашата пријателка Лана, изобилува со одлични и испробани рецепти, нема да се каете ако ја пробате оваа лесна чорба.

Состојки:
- 1 тиквичка со средна големина
- 1 главица кромид
- 1 морков
- 500 мл сок од домати
- околу 1 литар вода
- 1-2 чешниња лук
- неколку гранчиња целер
- неколку зрна црн пипер
- 1 лажица брашно
- 1 лажица ситна црвена пипер
- сол
- коцка за супа
- неколку гранчиња копар.
Подготовка:
- Тиквичката измијте ја, излупете ја и пресечете ја на половина. Исчистете ја од семките, а потоа исечете ја на коцки 1х1 см. Коцкичките гответе ги во солена вода околу 15 минути, додека омекнат.
- На малку масло пропржете ги ситно сечканиот кромид и морков, па додајте лажица брашно и лажица ситна црвена пипер, која може да биде лута по желба. Потоа додајте го сокот од домати и водата.
- Додајте ја и коцката за супа и посолете по вкус, ставете го ситно исечканото чешне лук, неколку зрна црн пипер и гранчињата целер (тие се потребни за арома, а потоа може да ги извадите по желба).
- Во садот со зачините, додајте ги и омекнатите тиквички заедно со течноста во која се вареле.
- На крај, зачинете со ситно сечкан копар и варете ја чорбата уште 10-тина минути. Послужете топло и во секоја чинија непосредно пред сервирање додајте по малку кисела павлака и гранче копар. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Лесна чорба од зеленчук.