Лутиче - домашен доматен сос без конзерванси

Лутиче – домашен доматен сос без конзерванси

Ги обожавам традиционалните рецепти од тефтерите на моите најблиски! Со задоволство споделувам уште еден семеен рецепт со долгогодишна традиција. Во оваа прилика тоа е рецепт за лутиче – домашен доматен сос без конзерванси од вкусната ризницата на свекрва ми. Дома го обожаваме сите, веќе неколку години го правам и јас, топло го препорачувам!“ – споделува Катерина од нашиот тим, која го направи и слика вкусното лутиче.

„Овој домашен доматен сос без конзерванси е идеален е за подготовка на пица во домашни услови затоа што и дава впечатлива арома, сочност и вкус. Одличен е за болоњезе, за разни јадења и како додаток на компири, ориз и сл.“ – додава Катерина Шамбевска Спасеновска, а за повеќе интересни рецепти од неа, погледнете го нејзиниот Инстаграм профил @katerina.shambevska.

Состојки:

  • 6 кг домати
  • ½ кг лути пиперчиња, по желба не лути или мешани
  • 300 мл Брилијант масло
  • 150 мл вински оцет од Витаминка 
  • 150 г шеќер
  • 7 ливчиња ловор
  • ½ ќесичка црн бибер во зрно од Витаминка
  • сол по вкус
  • 1 до 2 главици лук, ситно сечкан
  • китка сечкан магдонос, по желба.

Подготовка:

  1. Доматите измијте ги и измелете ги. Семките не мора да се отстрануваат.
  2. Ставете ги во тенџере на оган да се варат додека згуснат. 
  3. Пиперчињата се мијат и цели се ставаат во друго тенџере, заедно со маслото, оцетот, шеќерот, ловоровите листови и црниот бибер во зрно. Се става на оган да зоврие, па се вари 10-тина минути. 
  4. Потоа, течноста заедно со пиперчињата се префрлаат во тенџерето каде се варат доматите. Така составени се варат најмалку 1.5 до 2 часа, зависно од посакуваната густина на лутичето – доматниот сос. 
  5. Кога маслото ќе се појави на површината, ќе препознаете дека варењето на лутичето е при крај, па може да го додадете ситно сечканиот лук, магдоносот и да ставите сол по вкус. 
  6. Готовиот домашен доматен сос без конзерванси е готов и жежок се собира во жешки тегли. Уживајте во текот на зимата и секогаш кога сакате полн богат вкус на доматен сос во јадењата. Вкусот е неверојатен!

Совети плус:

  • Ако сакате погуст доматен сос, продолжете го варењето на крајот до посакуваната густина.
  • Препорачувам да користите мали тегли, на пример 300 мл, бидејќи трајноста на отворениот сос е околу 3-4 дена, затоа што нема конзерванси. 
  • За подобро вакумирање, затворените топли тегли може да ги превртите или да ги вратите во загреана рерна на 100 степени, 10-15 минути.

Препорака од авторот:

Традиционалните рецепти и нивниот проверен вкус ме инспирираат за да ги пренесам до сите вас! – Ако ви се допадна предлоговразгледајте ги моите профили каде објавувам испробани рецепти креирани во мојата кујна и заследете ме:

Автор на рецепт и фотографии: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.

Ви препорачуваме да прочитате: Малиџано од црвени пиперки.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

*Спонзориран рецепт.

Сподели: