Пржени, варени, печени, како за прилог или во салата, пролетните млади компири се неизоставен дел од трпезата деновиве! За љубителите на рано пролетните зеленчуци, тие се прва асоцијација и вкусна радост.
Ретки се оние кои можат да одолеат на вкусните млади компирчиња во пролет. Тие се храна која едвај се чека да се појави, за да се стави на трпезата. Па, дојде време да уживаме во нив пријатели!

Ако некогаш сте се запрашале зошто младите компири се толку слатки и неодоливи, одговорот е тука – нивниот шеќер сеуште не е претворен во скроб. Имаат тенка и крцкава кора, а може да се најдат од април, па до јули.
Кога бирате млади компирчиња, најдобро да ги земате оние кои се цврсти и без оштетувања. Чувајте ги на темно и ладно место без влага. Ако ги набавите и сакате да ги зачувате неколку дена, најдобро е да не ги миете веднаш, односно да ги чувате без да се наводенети. На овој начин траат подолго и не се расипуваат.
Пролетните младите компири не е потребно да се лупат, а ако сепак сакате, можете да ги истриете со грубата страна на сунѓерчето за садови или да искористите жица за миење садови. Триење на кората со нож е исто така доста често застапена опција.
Ако припремате салата од нив, варете ги во посолена вода, а кога ќе зоврие, оставете ги компирите да вријат 10-тина минути. Откако ќе омекнат, процедете ја водата и прелијте ги со преливи за салата. Важно е да ја зачините непосредно по тргањето од огност, или додека компирите се топли, затоа што така подобро ги впиваат вкусовите.
Можете и да ги печите во рерна, а многу се вкусни и кога се пржат во длабоко масло. Пред да ги пржите или печите, поголемите компири исечете ги на парчиња со големина на залак и на здравје!
Исто така, пред термичката обработка, компирчињата добро измијте ги и исушете ги со помош на крпа.
Ви препорачуваме да прочитате: Печени компири со пармезан и млечен сос од лук.