Мусака со модар патлиџан и домат

„Ако насловот ве натера да се запрашате дали има компир во оваа мусака, да ви одговорам одма, да има! Но, идејата овој пат, ми беше да испробам сосем нов вкус и да ви кажам воопшто не се каам, излезе толку добро, што одлучив да ја споделам и со сите вас. Мојот најнов рецепт за главно јадење е мусака со модар патлиџан и домат, а како ,,јаготка на шлагот” додадов и малку кашкавал на крајот од печењето. Што да ви кажам, вкусен рај за сетилата!“ – вели Катерина Шамбевска Спасеновска уредник и фудблогер од нашиот тим.

„Претходно ви припремив и мусака со спанаќ и сирење – рецептот е на линков, која наиде на безброј позитивни коментари, па ве охрабрувам да ја пробате и оваа. Морам да напоменам, рецептот го приготвив без масло и не е грешка што е изоставено од состојките. Целта ми беше да добијам што поздрава варијанта на оброк и што побогата со зеленчук, па се надевам ќе уживате.“ – додава Катерина, а за повеќе интересни рецепти од неа, погледнете го нејзиниот Инстаграм профил @katerina.shambevska.

Мусака со модар патлиџан и домат

Состојки:

За 2 порции:

  • 400 г мелено месо
  • 2 главици кромид
  • 2 средно големи компири (400 г)
  • 1/2 или 1/3 модар патлиџан зависно од големината
  • 1 помал и 1/2 поголем црвен домат
  • околу 50г Кораб мешан кашкавал (по вкус)
  • сол, црн пипер и оригано, по вкус
  • 2-3 лажички путер
  • 50-100 мл вода за варење на мусаката (зависно дали во два или во еден сад).

Подготовка:

  1. Меленото месо ставете го во нелеплива тава на тивок оган и повремено мешајте.
  2. По 5 до 10 минути додајте го ситно сечканиот кромид. Мешајте повремено и почекајте кромидот да добие стаклест изглед. Во меѓувреме, по потреба додајте малку вода.
  3. Зачинете по вкус со горенаведените зачини.
  4. Компирите измијте ги, излупете ги и насечете ги на тенки кругови.
  5. Модриот патлиџан измијте го и нелупен насечете го на тенки кругови.
  6. Во два помали глинени садови или во еден поголем сад, наредете ја мусаката. Прво ставете од круговите компири, па додајте го филот со месото, а потоа наредете одозгора од круговите модар патлиџан. Додајте ја водата, па одозгора распоредете го путерот и зачинете.
  7. Ставете да се печи на 230 степени, околу 45 минути.
  8. Извадете ја од рерна и одозгора наредете кругови црвен домат. Тоа ќе и даде сочност и нема да изгорат модрите патлиџани.
  9. На крај, ставете неколку ленти или нарендајте кашкавал на површината. Додајте оригано и црн пипер за шмек и печете уште 20-тина минути. На здравје!

Препорака од авторот:

Ако ви се допадна рецептот, разгледајте ги моите профили каде објавувам испробани рецепти креирани во мојата кујна и заследете ме:

Автор на рецепт и фотографии: Катерина Шамбевска Спасеновска@katerina.shambevska.

Ви препорачуваме да прочитате: Суфле со кашкавал и модар патлиџан.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

*Поддржан рецепт.

Сподели: