„Превкусна е и едноставна! Здрава и безглутенска закуска за уживање! Ја подготвив со љубов во мојата кујна, а бидејќи сите дома бевме презадоволни од вкусната овесна тортиља со фил од печурки, се знае, морав да ја споделам со вас!“ – споделува Катерина од нашиот тим со сите нас.
„Во составот на тортиљата има овесно брашно. Можам да го опишам како „повлажно“ и малку е поинакво за подготовка, но ако добро ги следите насоките во рецептот нема да наидете на потешкотии. Дозата на состојките е за една тортиља, а вие зголемувајте ја по потреба соодветно.“ – додава Катерина.
Состојки:
- 5 рамни лажици овесно брашно
- 80-90 мл минерална вода
- прстофат хималајска сол
- 8-10 шампињони
- 1-2 лажички мајонез
- 1/2 домат со средна големина
- 4-5 ливчиња свеж босилек.
Подготовка:
- Прво измијте ги и исечкајте ги шампињоните, а потоа запржете ги во малку масло.
- Во подлабок сад ставете го овесното брашно, посолете со малку хималајска сол и измешајте го со минералната вода. Смесата прво ќе биде доста течна, а откако ќе ја оставите да стои 5 минути ќе се згусне, а тоа и ви е потребно за да може добро да се испечи.
- Тавата за палачинки пребришете ја со намаслена чиста крпа или кујнска хартија и откако ќе се загрее, во неа турете ја смесата со овесното брашно. Бидејќи не е течна како кога се подготвува од бело брашно, доколку има потреба со помош на лажица разнесете ја низ тавата и оформете ја во кружна форма. На средно тивок оган, оставете ја да се печи околу 5 минути, а потоа затресете ја тавата да проверите дали се одлепила долната површина на тортиљата. Ако е печена долната страна, превртете ја од другата страна и повторно оставете ја да се печи неколку минути. Не мора, но препорачливо е, да ја завртите уште еднаш од првата страна на која се печела, за добро да се изврие.
- Готовата тортиља сервирајте ја во чинија и премачкајте ја со мајонезот.
- Распоредете ги претходно запржените печурки.
- Доматот исечкајте го на коцки и исто така распоредете го.
- На крај додајте го измиениот и ситно исечкан босилек и завртете во ролна. На здравје!
Препорака од авторот:
Се надевам дека фотографијата која ви ја направив ја раскажува приказната која сакав да ја пренесам до вас за вкусен и здрав оброк!
Ако го пробате рецептот и сакате да ве споделам на моето стори, тагирајте ме или испратете ми порака. Чест ми е кога ве инспирирам, па за многу повеќе испробани рецепти и убави фотографии следете ме на моите профили Катерина Шамбевска Спасеновска на Instagram или Facebook.“ – вели Катерина.
Автор на рецепт и фото: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.
Ви препорачуваме да прочитате: Печен помфрит од компири и тиквички на лесен начин.
Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.
Ви препорачуваме да прочитате: Мексиканско тако со домашни тортиљи.