Печената тиква со мед и фета сирење е одличен есенски рецепт, кој се припрема за околу 40 минути. Може да се јаде самостојно како салата, како полесна вечера или пак де се послужи како прилог со месо. Одлична е и ако ви дојдат ненајавени гости кои сакaте да ги изненадите со нешто ново и необично, а немате време да готвите јадење кое е комплицирано.
Па, искористете ги тиквите додека се уште ги има во изобилие на пазарите и израдувајте ги вашите најблиски со малку понеобична нејзина подготовка. Доколку купите малку поголема тиква може да си приготвите и брз ролат со тиква, па во целост да ја искористите оваа кралица на есента.

Состојки:
- 600 грама тиква
- 3 лажици маслиново масло
- 2 лажици сусам
- 3 лажици мед
- 1 лажица оцет балсамико
- 100 грама фета сирење
- ½ лажица толчена лута пиперка
- неколку ливчиња млад спанаќ
- семки од тиква по желба
- сол по вкус
- црн пипер по вкус.
Подготовка:
- Најпрво излупете ја тиквата, исчистете ја од семките и исечете ја на помали коцки.
- Во тава ставете хартија за печење. Коцките тиква наредете ги во тавата и попрскајте ги со маслиновото масло. Тавата ставете ја во загреана рерна на 210 oC. Тиквата печете ја за време од 20 минути.
- Потоа, извадете ги коцките тиква и поросете ги со сусам и повторно вратете ги во рерна и печете ги уште дополнителни 10 минути.
- Вака подготвената тиква, прелијте ја со мед и оцет балсамико, поросете ја со толчената пиперка и лупени семки од тиква.
- На крај, додајте ги парчињата фета сирење и листовите свеж спанаќ. Зачинете ја со сол и црн пипер по вкус. Печената тиква со мед послужете ја додека е топла како прилог со месо, а може да се јади и како самостоен оброк или како ладна салата. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: 5 интересни начини за приготвување на тиква.