Прекрасниве печени гурмански компири може да ви послужат како одличен ручек или вечера! Кате ни кажа: „Рецептов излезе случајно, од се по нешто од фрижидер и на крај имавме супер вкусен ручек.“, а нас ни се допадна и со задоволство го споделуваме за сите да имаат можност да го пробаат!
Па доколку сте љубител на печени компири, овој рецепт е вистинското решение за вас.

Состојки:
- 6 поголеми компири
- 1 голема главица кромид
- 250 гр свежи шампињони
- 150 гр шунка
- 130 гр чајна салама
- 250 гр моцарела
- 1 лажичка куркума
- 1 лажичка оригано
- маслиново масло, сол, црн пипер, путер по потреба.
Подготовка:
- Компирите излупете ги и ставете ги да се варат.
Откако ќе се сварат оставете ги убаво да се изладат, а потоа исечете ги на помали коцки. - Во тава на оган ставете маслиново масло. Додајте го кромидот исечен на тенки кругови. Посолете, налејте малку вода и оставете да се подзапржи.
- Во друга тава на малку маслиново масло испржете ги шампињоните исечени на листови.
- Во стаклен сад за печење (претходно премачкан со путер) ставете ги компирите. Посолете ги, наросете црн пипер и посипете со куркума.
- Одозгора ставете го кромидот, шунката исечена на коцки, чајната салама исто така исечена на мали коцки и шампињоните.
- Најгоре нанесете ја моцарелата исечена на кругови.
- Посипете со оригано и ставете да се пече на загреана рерна од 200 степени, за време од околу 20 минути.
- Послужете ги топли. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви препорачуваме да прочитате и печени компири со лук и рузмарин.