Уредничкиот тим на sezahrana.mk повеќе пати го има пробано овој вкус и искрено, многу ни се допаѓа! Благодарение на Невена, сега имаме и убаво објаснет рецепт за печен спанаќ со јајца и суви пиперки, со прекрасна фотографија која кажува многу. Бидејќи и таа ни потврди дека комбинацијата на овие намирници неа лично многу и се допаѓа, знаевме дека е вистинско време да ја споделиме со сите вас и како што вели Невена, посебно задоволни ќе бидат љубителите на спанаќ.

Состојки:
- 300 гр замрзнат или 500-600 гр свеж спанаќ
- 6 големи суви пиперки
- 5 јајца
- 3 лажици масло
- 1 лажица путер
- сол, црн пипер, мешан сув зачин, рендано морско оревче, кромид во прав по вкус
- по потреба путер и лебни трошки за тавата.
Подготовка:
- Доколку користите замрзнат спанаќ, најпрво одмрзнете го, а потоа малку пропржете го со маслото и путерот. Додајте ги зачините по вкус и оставете го да се излади. Доколку користите свеж спанаќ претходно обарете го во зовриена вода, исцедете го, малку исечкајте го и продолжите по истата постапка на подготовка.
- Сувите пиперки обарете ги во зовриена вода да омекнат. Изладете ги исчистете ги од семките и исечете ги на мали парчиња.
- Во сад со вилушка изматете ги јајцата со малку сол, па додајте ги спанаќот и пиперките и измешајте.
- Тавата намачкајте ја со малку путер и посипете ја со лебни трошки.
- Турете ја смесата и печете во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути или додека горниот дел се зацврсти.
- Печениот спанаќ послужете го топол со сирење, јогурт, салата, а може и како додаток на некое месо, колбаси и слично.
На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.