Наближуваат деновите кога ќе ги имаме во изобилство. На пазарите и по улиците веќе ги има, свежи и печени кои шират прекрасен мирис. Ние обожаваме да правиме нови нешта и да пробуваме нови вкусови, па овој пат ви предлагаме рецепт за пире од костен.
Сочно е, полно со корисни материи и многу вкусно. Вреди да си го направите и да го обезбедите организмот со корисни материи. Костените се познати по слаткиот вкус и благата текстура. Свежиот костен има 170 калории на 100 грама од делот кој се јади, што значи многу помалку од разните јаткасти плодови како што се лешникот, бадемите, оревите итн. кои содржат околу три пати повеќе калории. Костенот како и претходно набројаните сродни плодови, не содржат холестерол. Во костените ќе најдите многу мала количина на масти, во главно незаситени масни киселини и што е многу важно не содржи глутен. Заради тоа се иделна намирница за луѓето кои боледуваат од целијакија.

Содржината на јаглени хидрати кај костените е слична како онаа кај житариците (пченица, ориз), а има два пати поголема содржина на скроб споредено со компирите. Богати се со шеќери, дури 8% од делот кој се јаде го сочинуваат разни шеќери, како глукоза, фруктоза и други. Исто така, многу се богати со минералите фосфор и калциум, а содржи и помала количина на железо и витамините од Б групата. Плодот на костенот има висока содржина на вода (околу 50%) и треба да се чува на суво и ладно место, исто како зеленчукот и да трае до месец дена, а замрзнатиот костен може да трае и до 6 месеци.
Повеќе за здравствените придобивки од костените можете да прочитате тука.
Состојки:
- 600 гр костени
- 50 гр шеќер
- 2 ќесички ванилин шеќер
- 1 лажичка рум
- 400 мл млеко.
Подготовка:
- Костените најпрво измијте ги и малку засечете ги, па ставете ги во вода која врие.
- Оставете ги во неа неколку минути, доволно колку да се отворат. Препорачливо е да ставате во водата само по неколку, бидејќи треба да ги чистите од кората додека се уште жешки и лесно се отстранува.
- Исчистените костени и ванилиниот шеќер ставете ги во млеко и варете на оган околу 1 час со повремено мешање.
- Шеќерот и румот додајте ги непосредно пред крајот, во последните 10-тина минути за да има време да се измешаат убаво и да се поврзат со останатите состојки.
- Смесата изматете ја со миксер или рачна мешалка за да се добие убава хомогена смеса.
- Пирето од костен сервитајте го во чинии и послужете по желба.
Ви препорачуваме да прочитате: Како да изберете најдобри костени.