Полнет зеленчук во сос од домати

Нашиот денешен предлог за ручек ни доаѓа од кујната на Лана, а станува збор за полнет зеленчук во сос од домати. Ова јадење ќе го обожаваат сите, од најмали до најстари. Па, сигурно нема да погрешите доколку го подготвите.

Зошто да готвите само пиперки или само тиквички, кога може во еден сад да ставите се заедно и максимално да ја искористите целокупната понуда на сезонските зеленчуци. Во комбинација со мелено месо ќе добиете вкусен и хранлив ручек. Слободно направете дупла доза, бидејќи ова јадење е вкусно и наредниот ден.

полнет зеленчук во сос од домати

Состојки:

  • 6-8 пиперки
  • 1 тиквичка
  • 2-3 домати
  • 500 г мелено месо
  • 1 кромид
  • 1 чаша ориз
  • сол и црн пипер по вкус
  • босилек по желба
  • магдонос по желба
  • лук по желба
  • 1-2 листови лаворов лист
  • 1 лажица буковец
  • 1 гранче целер
  • 1 јајце
  • 500 мл доматно пире или домашен сок од домати
  • 1 компир по желба.

Подготовка:

  1. Најпрво измијте ги и исчистете ги пиперките од семки.
  2. Тиквичките пресечете ги на 2-3 дела и секој дел издлабете го во средината како чаша.
  3. Потоа и доматите добро измијте ги и издлабете ги во средината. Издлабената средина од сите зеленчуци сочувајте ја.
  4. Кромидот исечкајте го на ситни коцки и кратко попржете го на загреано масло.
  5. Во запржениот кромид додајте го меленото месо и издлабените делови од сите зеленчуци. Динстајте со повремено мешање околу 10 минути. Додајте сол и црн пипер и зачинете по желба.
  6. Во тавата со месото, додајте го и оризот и добро измешајте.
  7. Откако смесата малку ќе се излади во неа додајте го јајцето со цел сите состојки добро да се поврзат.
  8. Со вака подготвената смеса наполнете ги издлабените зеленчуци и наредете ги во длабок плех за печење.
  9. Пиперките затворете ги со парчиња домат или кругови компир.
  10. На крај целиот зеленчук прелијте го со доматно пире или домашен сок од домати. Зачинете со гранче целер и лаворов лист.
  11. Плехот за печење прекријте го со алуминиумска фолија (по желба) или капак и ставете го да се печи во претходно загреана рерна на 220 степени околу 40 минути. Потоа извадете ја фолијата и печете уште дополнителни 30 минути. За тоа време сосот ќе се згусни, а зеленчукот ќе добие убава боја. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Полнети пиперки со мелено месо.

Сподели: