Полнети пиперки со мелено месо и ориз е едно од омилените традиционални јадења на нашите простори, но често пати колку и да личи едноставно јадењето, доколку немаме соодветен рецепт не би можеле да го постигнеме вкусот кој сме го пробале кај пријателката, сосетката и слично.
За да не лутате, а да имате највкусен ручек, со вас го споделуваме нашиот испробан рецепт по кој редовно си подготвуваме полнети пиперки.

Состојки:
- 500 гр мелено месо
- 200 гр ориз
- пиперки по потреба
- 2-3 домати
- 1 средно голема главица кромид
- 1 лажица црвена пипер
- црн пипер по вкус
- мешан зачин по вкус
- по желба доматно пире за сервирање
- по желба компир пире за сервирање.
Подготовка:
- Најпрво измијте ги и исчистете ги пиперките од семките.
- Кромидот исечете го на ситни коцкички.
- Меленото месо и исечканиот кромид, ставете ги да се пржат со малку масло.
- Откако ќе се запржат малку, додајте еден домат исечкан на коцки и продолжете со пржењето со повремено мешање додека испари течноста од доматот.
- Потоа додајте ги мешаниот зачин, црниот пипер, црвената пипер и измешајте.
- На крајот додајте го оризот и измешајте ја смесата.
- Со помош на мало лажиче полнете ги пиперките со смесата и отворот на пиперката затворете го со круг од домат или за замена може да употребите компир.
- Полнетите пиперки редете ги во тава за печење, а при тоа турете вода во доволна количина за да биде рамна со горната површина на пиперките. Препорачуваме во течноста да распоредите ситно сечкан домат.
- Печиме на температура од 200 степени додека пиперките заруменат. За сервирање во чинијата ставете малку од доматното пире и наредете 1 или 2 пиперки, а по желба додајте и малку компир пире.
На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Печени полнети пиперки со урда.