Супер рецепт за посен колач со афион и кокос! Вкус на сочност и прекрасна арома која опива и никако не може да ве остави рамнодушни!
Дозата на овој колач е за подлабок плех од шпоретот или длабока тава и од него излегуваат околу 40 парчиња. Доколку сакате да добиете помала доза, преполовете ги состојките.

Состојки:
За пандишпан:
- 6 шолји брашно
- 3 шолји шеќер
- 4 и 1/2 шолји кисела вода
- 1 и 1/2 шолја масло
- 2 лажички екстракт од ванила или 2 ќесички ванилин шеќер
- 150 гр афион
- 1 1/2 ќесичка прашок за печиво
- 50 гр кокос
- 100 гр сува брусница
- 1 лажичка рум или екстракт од рум за брусницата.
За прелив:
- 20 лажици вода
- 10 лажици шеќер
- 4 полни лажици какао
- 80 гр маргарин.
Подготовка:
- Во сад се ставаат брашното, шеќерот, ванилата, прашокот за печиво, кокосот, афионот и брусницата, се мешаат и потоа се додаваат водата маслото и румот. Смесата за колач шовторно убаво се меша. (Доколку брусницата е посува и не е многу сочна, ставете ја во посебен сад во кој ќе додадете малку топла вода и ексрактот од рум, па оставете да стои така околу 10 минути. Колку е потопла водата, толку побрзо оди процесот. Потоа исцедете ги и додадете ги во смесата за колачот.)
- Печете на 190 степени околу половина час.
- Во посебен сад ставете ги состојките за прелив и мешајте ги на среден оган додека убаво се растопат и смесата стане компактна. Оставете го потоа 10-тина минути за малку да се излади, а при тоа повремено мешајте за да не фати кора или нерамномерно да се здрви, па прелијте го колачот.
- По желба, одозгора можи да го посипите со кокос, па откако ќе подизлади, сечете го на коцки и уживајте со чаша топло млеко, кафе или чај.
Рецептот го испратил: Клара Бос.