посен чоколаден куглоф

Посен чоколаден куглоф со портокал

Рецепт за посен чоколаден куглоф кој вреди да се проба! Одлична идеја за сочен десерт, со убава арома на портокал што го прави идеален за сечиј вкус.

Овој посен чоколаден куглоф кој ни го предложи нашата пријателка trydiani, е многу едноставен за подготовка и има простор за да се збогатува со различни додатоци, како на пример портокали, ореви и суво грозје или боровинки. Постојат разни можности за декорација по желба, а ние ви даваме две идеи. Можете да го наросите со шеќер во прав или да го прелиете со чоколадна глазура, па врз неа да наросите бадемови трошки или парченца од портокал. Како и да декорирате нема да згрешите!

чокаладен куглоф

Состојки:

  • 1 чаша гриз
  • 1 чаша шеќер
  • 1 чаша вода или сок
  • 1 чаша брашно
  • 3 лажици какао
  • 1/2 чаша масло
  • 1 лажиче прашок за печиво
  • малку сол
  • цимет по желба
  • кора од 1 портокал
  • 1 лажица ванилин шеќер
  • 1/4 чаша ореви
  • 1/4 чаша суво грозје или други сушени овошја
  • 1/4 чаша боровинки или друго свежо овошје – по желба.

Состојки за чоколаден прелив:

  • 1 лажица вода
  • 2 лажици шеќер
  • 2 лажици какао
  • 1 лажица маргарин,

Состојки за бадемови трошки:

  • 2 лажици бадеми, мелени или ситно сечкани
  • 2 лажици шеќер

Подготовка:

  1. Во длабок сад се ставаат шеќерот, гризот, ванилинот шеќер и кората од портокал, а потоа се додава водата или сокот. Добро измешаните состојки се оставаат околу 2 часа на собна температура, за да може гризот да набабри.
  2. Во садот се додава маслото и се меша се додека не се изедначи.
  3. Брашното се меша со какаото, солта, циметот и прашокот за печиво. Потоа се додава во садот со гризот и се меша убаво. Во садот се додаваат оревите и сувото грозје.
  4. Калапот за куглоф се намрсува и се посипува со брашно. Во калапот се става смесата за куглоф.
  5. Се пече околу 30-40 минути во загреана рерна на 180 степени.
  6. Откако ќе се испече, се остава да се излади, а потоа внимателно се вади од калапот.
  7. Во меѓувреме се подготвува чоколадниот прелив. Наведените состојки се ставаат во мал сад на тивок оган, се мешаат се додека се стопи шеќерот.
  8. Бадемите се запечуваат малку во сува тава и им се додава шеќерот. Постојано се мешаат до нивно карамелизирање, а потоа се тргаат од оган и се оставаат за да се изладат.
  9. Куглофот се прелива со чоколадниот прелив, а врз него се наросуваат бадемовите трошки.

Фантастичниот посен чоколаден куглоф е готов и спремен за дегустација. Уживајте во аромата!

Сподели: