Оваа прекрасна кремаста чорба од компири и праз е предлог на креативната Невена. Можете да ја јадете како предјадење или лесна вечера, а при тоа ќе уживате во беспрекорно убавата боја која се создава благодарение на зелено белиот изглед на празот и кремастите компири.
Се прави прилично брзо и доста лесно, а е погодна за секоја возраст од најмлади до највозрасни. Интересна е за изглед, па веројатно ќе им се допадне и на вашите дечиња. Исто така, може да ја јадете и за време на пост.

Состојки:
- 800 гр компири
- 350 гр праз
- 6-7 лажици маслиново масло
- 1 лажиче мешан сув зачин
- сол и црн пипер по вкус
- 1 литар вода.
Подготовка:
- Компирите прво измијте ги и излупете ги, па исечете ги на плочки.
- Празот исечкајте го на поситни парченца.
- Ставете ги во тенџере, додајте ја водата, маслото и зачините по вкус. Оставете ги да варат додека омекнат.
- Откако се сварил зеленчукот убаво изблендирајте го за да се изедначи, па вратете го на оган да повари уште 1-2 минути. Со оваа количина на вода ќе добиете поизразена густина на чорбата, а ако сакате да биде поретка може да додадете уште малку вода.
- Готовата посна чорба со компири и праз послужете ја топла со лепче и салата по желба.
На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви препорачуваме да прочитате и посна крем чорба од брокула.