Има многу посни јадења, а еден специјалитет кој сигурно ќе ви се допадне се вкусните посни панцероти со фил од шампињони и домати по рецепт од Катерина.
Вреди да одвоите малку време и да направите нешто вкусно за појадок или ужина. А за поздрава варијанта ви предлагаме наместо бело, да користите интегрално брашно. Наведените состојки во рецептот се доволни за 2 панцероти, а по желба може да ги зголемите.

Состојки:
- 135 грама брашно
- ¼ лажичка сол
- прстофат шеќер
- прстофат свеж квасец
- по потреба топла вода
- 15-тина свежи шампињони
- 4 сечкани шери домати
- по потреба оригано
Подготовка:
- Брашното, солта, шеќерот, квасецот и водата ставете ги во сад за месење. Замесете средно меко нелепливо тесто и оставете го да нарасне.
- Во меѓувреме подгответе го филот. Во тава на оган ставете масло да се загрее. Во загрееното масло пропржете ги печурките.
- Шери доматите исечкајте ги на половина.
- Штом печурките ќе се запржат, тавата тргнете ја од огнот, додајте ги сечканите шери домати и ориганото. Измешајте да се соединат состојките и посолете по вкус.
- Тестото поделете го на 2 дела. Од секој дел расукајте мала кора.
На едната половина ставете половина од филот со печурки и шери домати.
Преклопете и убаво затворете ги краевите. - Во тава на оган ставете малку масло да се загрее. Во загрееното масло ставете ги панцеротите и пржете ги на тивок оган од двете страни. Пржените посни панцероти извадете ги врз кујнска хартија и оставете ги кратко време за да се впие вишокот на масло. Послужете ги додека се топли.
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска
Ви предлагаме да прочитате: Посни пирошки од палачинки со фил од печурки.