Изгледот на овие посни ќофтиња од компири и ориз, сигурно ќе ве примами при првата прилика да ги направите и да уживате во дегустацијата заедно со семејството и пријателите.
Одличниот рецепт е дело на нашата пријателка Диана, која го објави на блогот Trydiani. Ќофтињата од компири се посни и вегетаријански, па се идеален предлог за јадење за време на пости во комбинација со свежа зелена салата. А штом ги направите, не заборавајте да ни пишете во коментар како ви се допаднале.

Состојки:
- ½ кг варени компири
- ½ чаша ориз
- 2 главици кромид
- 2 моркови
- сол и црн пипер по вкус
- масло, брашно и лебни трошки по потреба.
Подготовка:
- Во мало тенџере на оган, на висока температура ставете 1 чаша вода да се вари. Тенџерето поклопете го со капак.
- Оризот исчистете го и ставете го во врелата вода. Температурата намалете ја, тенџерето покријте го со капакот и оставете го оризот да се вари за време од 8 до 10 минути. Техниката за најдобро варење на ориз, прочитајте ја тука.
- Компирите измијте ги, излупете ги и исечкајте ги на мали коцки со големина од 1 см. Исечканите компири, ставете ги во тенџере со вода да се варат. Варете ги за време од 20 минути, додека компирите омекнат. Постапката за најбрзо варење на компири, прочитајте ја тука.
- Варениот ориз исцедете го, а компирите испасирајте ги.
- Главиците кромид ситно исечкајте ги, а морковите изрендајте ги на крупната страна од рендето.
- Во тава на оган, на средно висока температура, ставете го маслото да се загрее. Во загреаното масло ставете ги ситно сечканиот кромид и ренданите моркови. Пропржете ги додека кромидот и морковите омекнат.
- Потоа, тргнете ја тавата од оган и во неа додајте ги пасираните компири, ориз и зачинете со сол и мелен црн пипер по вкус. Оставете смесата за време од 30 минути.
- Од изладената смеса формирајте ќофтиња. Секое ќофте прво извалкајте го во брашно, а потоа во лебни трошки.
- Вака формираните ќофтиња од компири и ориз пржете ги во загреена тава со масло од двете страни за време од 3 минути, додека добијат светло румена боја. Пржените ќофтиња извадете ги врз чинија обложена со кујнска хартија, за да се впие вишокот на масло.
Совет плус: По желба и како предлог за поздрава варијанта ви предлагаме ќофтињата наместо да ги пржите, да ги печете во во тава обложена со хартија за печење.