Ова е фантастично добар рецепт кој вреди да се проба! Сите ја обожаваме италијанската кујна, а тестенините прв избор на многумина. Па, кога станува збор за потпечени макарони, никој не може да одолее.
Е баш ваков рецепт за потпечени макарони со печурки, печеница и кашкавал ни испрати Невена. А наведените состојки во рецептот, гарантираат гурманско уживање.

Состојки:
- 300 гр тестенини
- 500 гр свежи шампињони
- 120 гр печеница или сланина, свински врат или шунка
- 1 мала главица кромид
- 1-2 лажици магдонос
- 100 гр кашкавал
- сол
- црн пипер
- масло.
Прелив:
- 3 средни јајца
- 250 гр кисела павлака
- по потреба путер и лебни трошки за мачкање на тавата за печење
- 3-4 шери домати за декорација.
Подготовка:
- Во поголема количина посолена и зовриена вода сварете ги тестенините за време означено на паковањето. Потоа исцедете ги.
- Печеницата или сувомеснатото што ќе го изберете исечете го на лентички и малку пропржете го со малку масло. Оставете го на страна.
- Шампињоните исчистете ги, измијте ги и исечете ги на тенки ливчиња.
- Кромидот ситно исечкајте го и пропржете го со малку масло. Додајте ги печурките, зачинете ги по вкус и оставете ги да се динстаат додека течноста што ја пуштаат целосно испари. Додајте го и магдоносот, измешајте ги и оставете ги кратко време да се изладат.
- Кашкавалот ситно изрендајте го.
- Тавчето за печење намачкајте го со путер и посипете го со лебни трошки.
- Рерната вклучете ја да се загрее на 200 степени.
- Јајцата изматете ги со вилушка, па додајте ја киселата павлака и повторно изматете ги заедно да се изедначат.
- Во погодна тава измешајте ги тестенините, печурките, печеницата и кашкавалот.
- Ставете ги во тавата за печење и порамнете ги. Одозгора со лажица рамномерно распоредете го преливот. На неколку места ставете ги шери доматите исечени на кругчиња.
- Ставете ги да се печат во загреаната рерна за време од 20 до 25 минути. Топлите потпечени макарони послужете ги веднаш. На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓеровска.
Ви предлагаме да прочитате: Брза пита од потпечени кори со сирење.