Кога станува збор за лесни и едноставни рецепти, од кои се прават многу вкусни јадења, секогаш сакаме да ги знаеме. Комплицираните рецепти одземаат време и бараат поголемо кулинарско искуство, а ретко кој има толку слободно време. А Невена и овој пат не изненадува со многу убав рецепт за потпечени макарони со тиквички и сирење.
Гледајќи по состојките можеме да кажеме дека се многу вкусни и веќе се ставени на нашето неделно мени за дегустација.

Состојки:
- 2 средни (500 гр) тиквички
- 250 гр макарони
- 200 гр рикота или изварка
- 3 средни јајца
- 200 мл павлака за готвење
- по потреба масло
- лебни трошки по потреба
- по вкус сол.
Подготовка:
- Тиквичките излупете ги, исечете ги на крукчиња и наредете ги во плех обложен со хартија за печење. Посолете ги и попрскајте ги со масло. Ставете ги да се запечат во загреана рерна на 200 степени 20-25 минути колку да омекнат.
- Во тенџере на оган, на висока температура ставете 2 до 3 литри вода да се вари. Посолете ја и тенџерето покријте го со капак. Штом водата зоврие додајте ги макароните и намалете ја температурата. Макароните варете ги со повремено мешање во зависност од времето означено на пакувањето.
- Варените макарони исцедете ги.
- Испечените тиквички ставете ги во макароните, додајте ја рикотата или изварката, посолете по вкус и измешајте. Префрлете ги во плехче намачкано со путер или масло и посипано со лебни трошки. Попрскајте ги со масло.
- Јајцата изматете ги со павлаката и турете ги врз макароните.
- Ставете ги да се запечат во загреана рерна на 200 степени 30-на минути. Послужете ги топли со салата по желба. На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви предлагаме да прочитате: Брз рецепт за тестенини со тиквички.