Празничен леб со суво овошје 1

Празничен леб со суво овошје

Празниците се прекрасна можност за да направиме нешто добро за себе и за своите сакани. Одлично потсетување да се сетиме на себе и на вистинските вредности на животот. Да ја негуваме грижата и љубовта едни кон други, да го прославуваме животот! Со големо задоволство споделуваме рецепт за празничен леб со суво овошје, кој освен што е прекрасен за очи, превкусен е и за јадење!

Од срце и се заблагодаруваме на Бетина за несебично споделениот рецепт и фотографијата. Прочитајте го и пробајте го пријатели.

Празничен леб со суво овошје 2

Состојки:

За фил:

  • 200 гр суви кајсии
  • 125 гр суви смокви
  • 125 гр суви урми
  • 125 гр суво грозје
  • 150 гр лешници
  • 3 лажици мед
  • 2 лажици рум
  • 1 лажиче цимет
  • 1/2 лажиче мелено каранфилче.

За тесто:

  • 250 гр брашно
  • 1 пакетче сув квасец (7гр)
  • 1/4 лажиче сол
  • 2 лажици мед
  • 30 гр путер
  • 125 мл млеко.

Подготовка:

  1. Сувото овошје (кајсиите, урмите и смоквите) исечкајте го на коцкички и ставете ги во длабок сад.
  2. Додајте го сувото грозје и лешниците. Потоа додајте ги медот, румот и зачините.
  3. Убаво измешајте, па садот покријте го со капак или фолија и оставете го да стои така најмалку еден час.
  4. Млекото ставете го во сад на оган, а во истиот додајтеги медот и путерот, па оставете да се загрее додека путерот се стопи. Течната смеса треба да биде млака, па се остава малку да излади.
  5. Во сад ставете ги брашното, солта и сувиот квасец, додадете го млекото со путерот и медот. Матете со спиралните маталки од миксерот, додека да започне тестото да се одвојува од страните од садот. Продолжете со рачно месење уште неколку минути.
  6. Ставете го тестото во сад, покријте го со крпа и оставете го да стои на топло за да нарасне, за време од околу 30 минути.
  7. Кога нараснало, додадето го сувото овошје и измесете повторно. Ако ви е полесно може тестото да го извлечете во кора, па да го стававите овошјето во средина, да го преклопите од сите страни со тесто и да започнете со месење.
  8. Се меси околу 10 минути, додека целото овошје се спои со тестото.
  9. Долгнавестиот калап навлажнете го со малку вода и ставете хартија за печење.
  10. Со влажни дланки оформете го тестото во долгнавеста форма, па ставете во калапот, покријте го со крпа и оставете го на топло околу 30-40 минути, за да нарасне.
  11. Рерната загрејте ја на 175 степени. Ставете го празничниот леб да се пече вкупно 75-85 минути. Кога ќе зарумени (отприлика после 30 мин печење) покријте го со фолија и оставете така до крајот на печењето.
  12. Пред крајот проверете со нож или чепкалка дали е лебот добро испечен и готов. Оставете убаво да се излади, па завиткајте го во фолија или хартија.
  13. Најдобро да отстои најмалку два дена (а уште подобро до две недели) во ладна просторија, но никако во фрижидер за да го развие неговиот полн, богат вкус. Рокот на употреба е 1-2 месеци, а пред да послужите, посипете обилно со шеќер во прав. На здравје!

Рецептот го испратил: Бетина Алексиќ Кузевски.

Ви препорачуваме да прочитате: Божиќен колач со суво овошје.

Сподели: