Овој пат од кујната на нашата драга пријателка Лана ни доаѓа интересен рецепт за симпатични и вкусни путер грицки со кашкавал. Совршени се за оние мигови кога ќе ви се најават гости, а вие немате ништо дома, па сакате брзо и лесно од малку намирници да направите нешто вкусно.
Овој рецепт е за сите оние кои сакаат да грицкаат. Одлично одговараат со пиво, а ќе ги обожаваат и сите кои обожаваат да мезат додека го гледаат омилениот филм или серија. Па, одвојте еден час и направете си вкусни и домашени путер грицки за вас и за вашето семејство.
Состојки:
За тесто:
- 500 г брашно
- 250 г путер
- 250 г фета сирење
- 1 лажичка сол
- 1 ќесичка прашок за печиво
- 1 жолчка
- 75 мл млеко
За премачкување:
- 1 белка
- 50 г рендан кашкавал.
Подготовка:
- Во длабок сад измешајте ги брашното, солта и прашокот за печиво. Потоа додајте ги путерот, сирењето, жолчките и малку ладно млеко. Од наведените состојки замесете мазно тесто.
- Вака замесеното тесто може веднаш да се работи, но по желба може да го завиткате во најлонска фолија и да го оставите неколку часа во фрижидер.
- Тестото развлечете го во правоаголна кора со дебелина од околу 1 см.
- Кората премачкајте ја со изматени белки и со помош на виљушка изгребете ја, така што ќе направите малечки бразди по цела нејзина должина.
- Потоа, посипете ја со ренданиот кашкавал или друго тврдо сирење по желба.
- Со помош на нож исечете ја кората на штангли со еднаква големина (ширина 1 см и должина од 6 – 7 см).
- Штанглите наредете ги врз премачкан плех за печење и печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 15-20 минути додека добијат убава боја. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Посни грицки со бадеми.