Овој рустичен италијански колач со црно грозје многу потсетува на нашите омилени колачи кои најчесто ги правиме со сезонско овошје. Лесен е и освежителен, па секој ќе посака уште едно парче. Одличен е за овие есенски денови и совршено одговара со чаша чај.
Кога го правите овој колач важно е да се избере грозје со поситни семки, бидејќи и не е баш пријатно да се наиде на нив при неговата консумација. Како што вели Лана, според оригиналниот рецепт се прави со маслиново масло и палента, но подеднакво е добар и со обично масло и ситно мелено пченкарно брашно.

Состојки:
- 150 г бело пченично брашно
- 75 г пченкарно брашно
- 1 лажичка прашок за печиво
- прстофат сол
- 2 поголеми јајца
- 100 г шеќер
- 100 мл масло
- 50 мл млеко
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- рендана кора од половина лимон
- 2 чаши исчистено црно грозје
- шеќер во прав за посипување.
Подготовка:
- Во длабок сад со миксер изматете ги јајцата и шеќерот, па додајте ги маслото, млекото, ванилиниот шеќер и ренданата кора од лимон.
- Измешајте ги двата видови на брашно со прашок за печиво и со постојано мешање додајте ги во садот со јајцата.
- Калапот за печење со големина од 26 см, премачкајте го со путер и посипете го со малку брашно.
- Во вака подготвениот калап турете ја смесата за колач.
- На површината од колачот наредете ги половината од исчистените зрна црно грозје. Другата половина оставете ја за подоцна, бидејќи ако се стават сите одеднаш ќе потонат во тестото и нема да се добие автентичниот изглед на колачот.
- Вака подготвениот колач печете го во претходно загреана рерна на 180 степени околу 10 минути, па извадете го и посипете го со преостанатите зрна црно грозје.
- Вратете го колачот во рерна и печете го дополнително уште 30-40 минути или додека тестото се одвои од рабовите на калапот.
- Готовиот колач посипете го со шеќер во прав, почекајте малку да се излади и послужете го. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Посен колач со суво овошје.