Пробајте ја нашата салата од макарони со зеленчук и печурки, приготвена брзо и лесно на здрав начин, со вкус кој нахранува, а не прејадува. Идејата за рецептот потекна од потребата, што вкусно и здраво може да се носи како оброк за на работа. Едноставна е за пакување, лесна за носење и вкусна за јадење во секој миг. Ние ја дегустиравме и ви препорачуваме да ја пробате и вие!
Како и други рецепти кои ќе може да ги најдете на нашата страна и кои доаѓаат директно од нашата кујна, оставаме на вас да ја дозирате количината на состојките по желба. Ние употребивме 200 грама макарони, 6-8 млади кромитчиња, една супена чинија иситнета зелка, еден грст шампињони кои ги исечкавме на парчиња, листови од свежо нане од 3 гранчиња и едно гранче за декорација, сол и црн пипер по вкус.

Состојки:
- макарони (може и посни макарони)
- млад кромид
- зелка
- печурки
- неколку гранчиња листови од свежо нане
- сол и црн пипер.
Подготовка:
- Најпрво ставете вода во поголем сад на оган. Оставете да зоврие и во неа ставете ги макароните. По желба, во водата со макароните додајте малку сол, а не заборавајте повремено да промешувате. Сварените макарони исцедете ги.
- Во меѓувреме исечкајте го младиот кромид, заедно со зелените листови на парчиња со должина од 0,5-1 см, зелката иситнете ја, а печурките доколку не сте ги купиле исечкани, исечкајте ги исто така.
- Кромидот и зелката ставете ги во тава со малку вода за да се обарат, а потоа додајте малку масло и кратко пржете. Пред да започнете со пржење, во тавата додајте ги и исечканите печурки.
- Потоа, исечкајте ги и додадете ги и листовите свежо нане. Додајте сол и црн пипер по вкус и измешајте ја содржината.
- На крај, измешајте ги исцедените макарони со посакувана количина од сосот и оброкот за носење е спремен. Оваа салата од макарони и зеленчук е вкусна и откако ќе се излади, а доколку имате желба може да додадете и други состојки дополнително.
На здравје!