Сакате да направите убава салата исто како од елитните ресторани? Тоа сега е лесно. Имаме нов рецепт за гурманска салата со марула, варени јајца, пармезан, чајна салама и брускети, прелиена со вкусен сос од јогурт, лук и сок од лимон.
Брзо и лесно се припрема, а сосот од јогурт е фантастично добар. Вкусот на оваа салата е одличен и ви препорачуваме да ја пробате што поскоро!
Состојки:
- 1 марула
- 4 варени јајца
- 100 грама чајна салама
- 40 грама мини брускети или 2 парчиња печен леб
- 50 грама пармезан или овчи кашкавал.
За сос:
- 2 мала лажица свежо цеден сок од лимон
- ½ чешне ситно сечкан лук
- ½ чаша јогурт или кисело млеко
- 2 лажици екстра девствено маслиново масло
- сол и црн пипер по вкус
- копар по желба.
Подготовка:
- Во мало тенџере на оган, на средна температура ставете вода и додајте ги јајцата да се варат. Варете ги за време од 5 до 7 минути. Варените јајца, извадете ги од тенџерето и ставете ги во сад со ладна вода. Штом малку се изладат, излупете ги и пресечете ги на половини.
- Чајната салама исечете ја на тенки ленти.
- Во нелеплива тава на оган, на средна температура ставете ги лентите чајна да се пржат. Пржете ги од двете страни за време од 1 до 2 минути, додека саламата стане крцкава. Потоа, чајната извадете ја од тавата и ставете ја врз кујнска хартија за да се впие вишокот на масло.
- Доколку одлучите салата да ја правите со домашен двопек во тостер испечете ги парчињата леб. Доколку немате тостер, на загреена рингла на шпоретот ставете алуминиумска фолија. Врз фолијата ставете ги парчињата леб и печете ги од двете страни, додека поруменат.
- Марулата исечете ја, а пармезанот изрендајте го на крупната страна на рендето.
- Во длабок сад ставете ги јогуртот, сокот од лимон, маслото, ситно сечканиот лук, посолете и зачинете со мелен црн пипер. По желба, додајте и копар. Измешајте ги состојките за сосот.
- Во 4 чинии распоредете ја марулата и додајте ги чајната салама, варените јајца, брускетите и пармезанот. Посолете и зачинете со црн пипер. На крај, врз салата ставете од преливот со јогурт. Готовата салата послужете ја веднаш. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: „Алзациене“ салата со марула, шунка и кашкавал.