зелена салата со кашкавал

„Алзациене“ салата со марула, шунка и кашкавал

Оваа вкусна салата со марула, шунка и кашкавал, името го добила по француската покраина Алзас, каде што се приготвува како специјалитет. Рецептот е од нашата пријателка Лана, која го објави на блогот Kuhinjica Mignone.

Вкусната салата може да ја правите преку целата година, додека има свежи марулки. Од останатите состојки потребни ви се шунка, сирење и варено јајце, но може да додадете и некои други состојки по вкус. Добро би одговарала и со прачиња млад кромид и сечкани домати. Послужете ја како лесен ручек или вечера.

салата со марула

Состојки:

  • 1 марулка
  • 100 грама шунка
  • 100 грама кашкавал (ементалер, гауда и сл)
  • 2 варени јајца
  • малку лимон
  • маслиново масло
  • сол по вкус.

Сос:

  • 2 лажици кисела павлака
  • 2 лажици јогурт
  • свежи зачини по вкус (нане, магдонос, копар, босилек…).

Подготовка:

  1. Може да користите една или повеќе врсти на зелена салата. Марулката измијте ја и исечкајте ја на помали ленти. Зачинете ја со малку свежо цеден сок од лимон и масло. Измешајте ја и сервирајте ја на чинија.
  2. Шунката и кашкавалот исечете го на мали ленти.
  3. Јајцата сварете ги. Варените јајца излупете ги и исечете ги на половини или осмини.
  4. На средината на чинијата, врз марулата ставете малку од сечканата шунка и кашкавалот. Во чинијата додајте ги варените јајца.
  5. Во мал сад измешајте ја киселата павлака, јогуртот и свежите зачини.
  6. На крај, врз готовата салата со марула, шунка и кашкавал ставете од сосот со зачини. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Салата со домати, марула и сланина.

Сподели: