Штом го видовме ова прекрасно јадење, не можевме да одолееме, а да не го споделиме. Ваков свински гулаш со домашни њоки, не се наоѓа ни во ресторан. Одлична идеја за секое домаќинство!
Диана ни кажа многу убав совет: „За добар гулаш, добро е да има кромид колку што има месо. Овој гулаш е густ, превкусен, а месото се топи во уста.“ Еве ги состојките, а подолу таа ни опиша и како да го направиме и ние за да може да уживаме во неговиот вкус.

Состојки:
За њоки:
- 6 помали компири
- 1 јајце
- малку сол
- брашно по потреба
За гулаш:
- 500 г свинско месо
- 4 главици кромид
- 3 чешниња лук
- 3 моркови
- 1 домат
- 250 г шампињони
- 1 лажица црвен пипер
- сол и црн пипер по вкус
- мешан зачин
- 100 мл бело вино
- ловоров лист
- околу 600 мл вода
- околу 50 мл масло
- 1 лажица свинска маст
Дополнително:
- пармезан за њоките.
Подготовка:
- Прво го правиме тестото за њоките. Ги вариме компирите околу 20 минути, при што битно е да не се преварени. Откако ќе се сварат, се цедат, се лупат и треба да се „суви“ за да се рендаат.
- Се додава 1 јајце, сол и брашно по потреба. Тестото не треба да биде ниту премногу меко, ниту премногу тврдо. Се витка во најлонска фолија и се остава да одмори 20-тина минути.
- Потоа се почнува со припрема на гулашот. Во тенџере на оган го ставаме претходно исечканиот кромид на коцки, маслото и свинската маст, па пржиме додека кромидот омекне.
- Месото го сечеме на помали коцки (пред тоа може да стои во солена вода околу 30 минути) и го додаваме во кромидот.
- Откако овие состојки ќе се запржат, се додаваат морковите, изренданите излупени домати, исечканиот лук и шампињоните.
- Откако и тие ќе се запржат, се додава 1 лажица црвен пипер, 600 мл вода и 100 мл вино.
- Се додаваат зачините и ловоровиот лист. Садот се покрива и температурата се намалува на потивко. Поремено да се меша, а треба да се готви околу 2 часа.
- Во меѓувреме, го вадиме тестото за њоките на набрашнета површина и го делиме на 4 дела.
- Од секој дел со помош на рацете развлекуваме форма во вид на јаже. Со помош на нож се сечат парчиња и секое парче се поминува со вилушка превртена наопаку. Ноките се набрашнуваат убаво и се оставаат 10-тина минути.
- За тоа време, ставаме на оган вода со сол и ја оставаме да зоврие.
- Потоа, во неа се додаваат њоките и се варат околу 2 минути, додека испливаат на површина. Важно е дека не смеат да се преварат, бидејки ќе бидат тврди. Сварените њоки се ставаат на цедалка да се исцедат.
- Пред да се сервира гулашот, се препорачува да отстои околу 2 часа, за да се излади и убаво да се згусте. А за подобар вкус и ефект, њоките наросете ги со редан пармезан. На здравје!
Рецептот го испратил: Диана Мицевска, Diana’s Kitchen.
Ви препорачуваме да прочитате: Телешки гулаш со црвено вино.