колач со страчатела фил

Чоколаден рум колач со страчатела фил

Совршенство на вкусови и идеален летен десерт на кој никој нема да остане рамнодушен. Во нашата кујна направивме слатка магија и го приготвивме чоколадниот рум колач со страчатела фил. Мек и сочен колач, надополнет со богат фил од ванила, чоколадо и кокос…

Рецептот е повеќе пати испробан во нашата кујна, а ако не го пробате, верувајте ќе се покаете. Идеален е за секоја пригода, па ви останува само да го направите.

колач со страчатела фил

Состојки:

  • 3 јајца
  • 9 лажици шеќер
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 15 лажици млеко
  • 3 лажици масло
  • 9 лажици брашно
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • 3 лажици какао.

За прелив од рум:

  • 100 мл млеко
  • 4 лажици шеќер
  • 2 лажици рум.

За фил:

  • мармалад од кајсии
  • 1 литар слатка павлака
  • 100 грама чоколадо за готвење
  • 100 грама кокос.

За декорација:

  • 1 ќесичка шлаг пена
  • 150 мл млеко.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за матење ставете ги јајцата, шеќерот и ванилиниот шеќер. Изматете со миксер додека шеќерот се растопи и се добие густа кремаста смеса.
  2. Брашното, какаото и прашокот за печиво ставете ги во длабока чинија и добро измешајте ги со лажица.
  3. Во садот со изматените јајца додајте ги млекото, маслото и кратко измешајте со лажица. Потоа во садот додајте од смесата со брашно и какао, и мешајте со лажица за да добиете хомогена смеса без грутчиња.
  4. Во правоаголна тава со големина број 40, ставете хартија за печење. Во тавата додајте ја смесата за чоколадниот колач и добро израмнете ја. Колачот печете го во загреана рерна на 220 степени за време од 15 до 20 минути. Колачот извадете го од рерна и проверете со чепкалка дали е добро испечен. По потреба, продолжете со печењето.
  5. Испечениот колач оставете го да се излади.
  6. Во меѓувреме припремете го преливот од рум. Во мало тенџере на оган, на средна температура ставете ги млекото, шеќерот и румот. Мешајте додека шеќерот се растопи.
  7. Преливот од рум и млеко нанесете го врз изладениот колач. Потоа колачот премачкајте го со мармалад од кајсии.
  8. Во длабок сад за матење ставете ја слатката павлака. Матете ја со миксер додека добиете цврст шлаг.
  9. Чоколадото изрендајте го на крупната страна на рендето. Во садот со изматената слатка павлака додајте ги ренданото чоколадо и кокосот, и измешајте го филот.
  10. Врз колачот ставете го филот со изматената слатка павлака и израмнете. На крај исечете коцки или парчиња по желба. Декорацијата завршете ја со растопено чоколадо и изматена шлаг пена.

Ви предлагаме да прочитате: Чоколадни кокос коцки со рум.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: