„Кога се љуби, ништо не е тешко! Со мерак издвојте неколку часа за да подготвите нешто извонредно за сите сетила и да пренесете топла порака „важен/а си ми“! Пробајте го мојот кремаст чоколаден чизкејк во чаша, зашто чоколадото е зачин кој ја негува љубовта и ја потсетува да трае.“ – со љубов раскажува Катерина од нашиот тим.
„А, во мојов рецепт, додадов доза „љубов“ од уште една омилена состојка во моето семејство, путер од кикирики! Пробајте да погодувате, десертов е кремаста фантазија! Чоколадниот вкус е омилен на секого и дефинитивно ќе ви е малку една порција за да го заситите слаткиот апетит. Состојките ќе ви ги дадам во целосната доза, а вие одлучете дали сакате да направите 6 чаши чизкејк (користев чаши од 300 мл) или сакате да направите чизкејк во тркалезен калап бр.18 и да го сечете на 6 парчиња.“ – додава Катерина за рецептот.

Состојки:
Основа:
- 150 грама бисквити
- 100 грама стопен путер
Слој 1 – чоколаден:
- 120 грама чоколадо за готвење
- 200 грама крем сирење
- 30 грама (¼ чаша) шеќер во прав
- прстофат сол
- ½ лажиче екстракт од ванила
- 60 мл (¼ чаша) слатка павлака
Слој 2 – со путер од кикирики:
- 200 грама крем сирење
- 60 грама (½ чаша) шеќер во прав
- ½ лажиче екстракт од ванила
- 90 грама затоплен путер од кикирики
- 60 мл (¼ чаша) слатка павлака
Слој 3 – чоколаден ганаш:
- 130 грама сечкана чоколадо за готвење
- 110 мл (⅓ чаша) слатка павлака.

Подготовка:
- Бисквитите ставете ги во сечко или иситнете ги со ролање со помош на сукало. Потоа, ставете ги во сад и измешајте ги убаво со претходно стопениот путер. Оставете 2 до 3 лажици од смесата за декорација, а остатокот распоредете го подеднакво во чашите или на дното на калап бр.18, со обрач кој се отстранува ако решите да правите чизкејк во форма на торта. Ставете ги чашите или калапот во замрзнувач, 30 минути.
- За првиот, чоколаден слој, стопете го чоколадото на пареа и оставете неколку минути да се излади. Во сад ставете го крем сирењето и изматете го со миксер заедно со шеќерот во прав. Додајте прстофат сол, па екстрактот од ванила и стопеното чокалод и измешајте со шпатула. На крај, изматете ја слатката павлака, со миксер додека се формираат „врвови“ или траги. Додајте ја во чоколадната смеса, измешајте со шпатулата, па распоредете ја смесата врз основата. Или ако како и јас, сакате да добиете поинтересен изглед, ставете го прво чоколадниот слој, па по 30 минути во замрзнувач и слојот од слатката павлака одделно. Како и да одлучите, измеѓу секој слој, ставајте ги чашите или калапот во замрзнувач 30 минути до 1 час.
- За вториот слој, со путер од кикирики, во сад ставете го крем сирењето и изматете го со миксер заедно со шеќерот во прав и екстрактот од ванила. Во друг сад, затоплете го путерот од кикирики, за подобро да се распредели во смесата и измешајте. Изматете ја слатката павлака, со миксер додека се формираат „врвови“ или траги. Додајте ја во садот со крем сирењето и измешајте со шпатула, па распоредете ја смесата врз чоколадниот слој. Ставете ги чашите или калапот во замрзнувач, 30 минути до 1 час.
- Најгорниот слој е чоколаден ганаш. Чоколадото исечкајте го, а слатката павлака загрејте ја на тивок оган и не дозволувајте да зоврие. Измешајте убаво и откако смесата ќе се соедини, оставете да одмори 3 минути. Убаво распределете ја по површината на калапот или рамномерно во секоја чаша. Наросете од претходно оставените бисквити со путер од основата. Ставете ги чашите или калапот во замрзнувач, 30 минути до 1 час.
- На крај, декорирајте со помош на шприц или по желба со изматена кремаста слатка павлака и чоколадни срца. Чоколадните срца направете ги од стопено чоколадо кое сте го оставиле 2 до 3 минути да се лади, а потоа ставете во најлонска ќеса, исечете мал отвор и нацртајте срца врз хартија за печење. Оставете ги барем 30 минути да се здрват и уживајте во декорацијата и моментот!
Препорака од авторот:
Забавно и припремено со љубов, вашите сакани, исто како и мојот сакан, сигурно нема да можат да одолеат! Одлично оди со чаша вино или шолјичка кафе, а јас ќе ви посакам, секој ден да ви биде празник на љубовта! И секако, радо ви стојам на располагање да ме контактирате ако ви е потребна помош за изработката!
Ако го пробате рецептот и сакате да ве споделам на моето стори, тагирајте ме или испратете ми порака. Чест ми е кога ве инспирирам, па за многу повеќе испробани рецепти и убави фотографии следете ме на моите профили Катерина Шамбевска Спасеновска на Instagram или Facebook.“ – вели Катерина.

Автор на рецепт и фото: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.
Ви препорачуваме да прочитате: Празничен колач со чоколадо и ореви – идеално добар за секое семејство.
Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.
*Спонзориран рецепт.