Барате идеја за да направите нешто ново, едноставно и лесно за Велигденските празници? Вие сте на вистинското место. Овие празници израдувајте го семејството со чоколадни велигденски мафини кои лесно се приготвуваат, а се многу вкусни.
Рецептот за чоколадните велигденски мафини е испробан во нашата кујна, па затоа не двоумете се да ги направите. Сигурни сме дека комбинацијата од чоколадо, рум и портокал ќе го освои вашиот вкус, па нека започне прославувањето на веселите празници и приготвувањето на најубавите рецепти.

Состојки:
- 150 грама бело брашно
- 1 ќесичка прашок за печиво
- 2 лажици чоколадно какао
- 2 јајца
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 100 грама шеќер
- 2 лажици рум
- кора од половина портокал
За декорација:
- 1 ќесичка шлаг крем од ванила
- 150 мл млеко
- зелена и кафеава прехранбена боја по желба
- јајца, зајачиња, цветови од фондан
Подготовка:
- Во сад за матење ставете ги јајцата, шеќерот и ванилиниот шеќер. Изматете ги со миксер додека шеќерот се растопи и се постигне посакуваната густина.
- Брашното, прашокот за печиво и какаото ставете ги во длабока чинија. Измешајте ги со лажица за да се добие хомогена смеса.
- Во садот со изматени јајца додајте ја смесата со брашното, румот и кората од портокал. Измешајте ги состојките со лажица.
- Во калапот за мафини ставете хартиени корпички. Секоја корпичка наполнете ја до 2/3 од висината со чоколадната смеса.
- Калапот со мафини ставете го да се пече во загреана рерна на 220 степени за време од 8 до 10 минути. Извадете ги мафините од рерната и проверете со чепкалка дали се испечени. По потреба продолжете со печењето. Печените чоколадни велигденски мафини извадете ги од рерната и оставете ги да се изладат.
- Шлаг кремот и млекото ставете ги во сад за матење. Изматете ги со миксер за време од 3 до 5 минути додека се добие густ крем. Во кремот додајте зелена или кафеава прехранбена боја по желба. Со готварски шприц декорирајте ги велигденските мафини и украсете ги со велигденски јајца, зајачиња или цветови по желба.
- Мафините чувајте ги во фрижидер до служењето. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Козињак со мак (милиброд).