„Среќни и весели нека ни се Велигденските празници, нека носат само убавини во секој дом! А, како што е обичајот, сите ние, секој по свој мерак, боиме прекрасни шарени јајца и ги даруваме со добра мисла и во знак на почит кон еден од најголемите христијански празници. Обожавам да ја истражувам интернационалната кујна, па испробав и ви препорачувам нешто проверено вкусно. Ви предлагам да го изненадите семејството со интересно нареден јапонски сендвич со јајца!“ – срдечно споделува Катерина Шамбевска Спасеновска од нашиот тим.
Со насмевка, Катерина додава: „Многу лесно се подготвува, а потребни ви се само 5 состојки. Јас ќе ви ја раскажам целосната постапка, а рецептот ви го споделувам како лесен пример за што повкусно да го искористите вишокот на Велигденски јајца деновиве. Се надевам дека моите фотографии ќе ви го доловат уживањето и дека ќе ве мотивираат да пробате!“

Состојки:
За 2 сендвичи:
- 4 парчиња тост леб
- 2 јајца.
За салата од јајца:
- 4 варени јајца
- ⅛ чаша перца од младо кромидче (од прилика од 3)
- 5 лажички мајонез
- ⅛ лажиче сол или по вкус
*Опционално: Јас го обожавам како зачин, па додадов и ⅛ лажиче црн пипер.
Подготовка:
- Јајцата измијте ги, па ставете ги во сад со ладна вода на оган. Откако водата ќе зоврие, варете ги 8 минути. Потоа, ставете ги во ладна вода, уште подобро со мраз, за да се изладат. Ладните јајца излупете ги. 4 од јајцата изрендајте ги или испасирајте ги со виљушка, а 2 оставете ги цели.
- Припремете ја салатата од јајца. Во садот со 4-те изрендани јајца, додајте ги ситно сечканите зелени перца од младо кромидче и мајонез. Посолете, а по желба додајте и од црниот пипер и измешајте.
- Земете 2 тост лепчиња и тенко засечете по краевите, за да го отстраните надворешниот печен слој.
- Целите јајца пресечете ги на две половини по должина.
- Потоа ставете едно од лепчињата на работна маса и врз него поставете две половини од 1 јајце – на средина на лепчето, едно до друго во линија.
- Нанесете половина од салатата од јајца и поклопете со второто тост лепче. Пресечете го сендвичот на 2 долги правоаголници, така што јајцата ќе бидат пречесени како на сликите и ќе добиете одличен декоративен сендвич.
- Постапката повторете ја уште еднаш со преостанатите состојки и на здравје, уживајте во светот на вкусовите!

Препорака плус од авторот:
Се надевам дека мојов едноставен предлог ќе ги разубави вашите празнични денови и моментите со семејството, и ќе ви се допадне.
Ако го пробате рецептот и сакате да ве споделам на моето стори, тагирајте ме или испратете ми порака. Чест ми е кога ве инспирирам, па за многу повеќе испробани рецепти и убави фотографии следете ме на моите профили Катерина Шамбевска Спасеновска на Instagram или Facebook.“ – вели Катерина.
Автор на рецепт и фотографии:
- Facebook: Катерина Шамбевска Спасеновска.
- Instagram: @katerina.shambevska.
Ви препорачуваме да прочитате: Печен помфрит од компири и тиквички на лесен начин.