Пробајте го нашиот рецепт за ќофтиња од месо во бешамел сос, а одлично би било ако ги сервирате со свежа салата. Совршени за семејни или пријателски собири!
Со малку труд ќе имате превкусен ручек кој ќе ги задоволи вкусовите и на најпребирливите дегустатори. Ние ги подготвуваме и ги јадеме често, па топло ги препорачуваме како добар избор за главно јадење.

Состојки:
За ќофтиња:
- 200 гр мелено месо (свинско, пилешко, мешавина по избор)
- 1 поголемо парче бајат леб
- малку млеко или вода
- 1 јајце
- брашно по потреба
- сол
- црн пипер.
За бешамел сос:
- 50 грама брашно
- 50 грама путер
- 500 мл млеко
- сол и мелен црн пипер по вкус
- малку копар по желба.
Подготовка:
- Прво започнете со припрема на смесата за ќофтиња. Лебот натопете го со вода или млеко и исцедете го.
- Во поголем сад ставете го меленото месо и додајте го претходно натопениот и исцеден леб.
- Потоа додадете го и јајцето, посолете и наросете со црн пипер по вкус.
- Смесата убаво измесете ја со раце, па направете ќофтиња со тркалезна форма и испржете ги во врело масло. По желба, доколку сакате ќофтињата да имаат крцкава кора после пржењето, посипете ги со малку брашно.
- Потоа направете го бешамел сосот. Во тенџере на оган со средно ниска температура ставете го путерот да се растопи.
- Во растопениот путер ставете го брашното и мешајте.
- Постепено додавајте го млекото и мешајте континуирано додека добиете кремаст сос.
- Сосот тргнете го од огнот, посолете го и зачинете со мелен црн пипер, а по желба додадете малку свеж или сув копар.
- На крај, ќофтињата од месо сервирајте ги во чинија и врз нив налејте од бешамел сосот.
На здравје!
Може да ве интересира и Пилешко во бел сос.