Домашна паштета од пилешко месо 1

Домашна паштета од пилешко месо

Овој супер вкусен рецепт за домашна паштета од пилешко месо ни доаѓа од кујната на Невена. Вкусна е и посакувана и од децата и од возрасните за да биде дел од оброците. Пробајте ја, нема да зажалите!

Невена вели:  „Јас ја ставив во силиконскиот калап за векни, потоа ја превртивме и ја украсивме со топчиња јогурт. Затоа што нема никакви конзерванси, најдобро е да се изеде за 2-3 дена, да не стои премногу.“ Ова е супер добра препорака нели? – Еве го рецептот!

Домашна паштета од пилешко месо 2

Состојки:

  • 450 гр пилешко бело месо
  • 300 гр пилешки џигерчина
  • 1 среден морков
  • 2-3 гранчина магдонос
  • 1 мала главица кромид
  • 1 ловоров лист
  • 30 мл бело вино
  • 60 гр путер
  • по вкус мешан сув зачин, сол и бибер, мајчина душичка
  • по потреба масло и вода
  • 2 чешниња лук.

Подготовка:

  1. Пилешкото бело месо исечете го на помали парчина и ставете го во тенџере. Додајте го морковот исечен на коцки, магдоносот, зачините по вкус и 2 чаши вода. Оставете го да се вари околу 30-40 минути додека месото омекне.
  2. Внимавајте при варењето. Треба да остане малку вода, па затоа ако е потребна дополнителна количина од првичната, додајте.
  3. Во друга тава подгответе ги џигерчињата.
  4. Кромидот и лукчето ситно исечкајте ги и пропржете ги со 4-5 лажици масло и 1 лажица путер (околу 20 гр). Додајте ги џигерчината, ловоровиот лист, виното, зачините по вкус и оставете ги да се испржат додека течноста испари. Потоа тргнете ги на страна и пред блендирање извадете го ловоровиот лист.
  5. Во погоден сад за блендирање ставете го месото,морковот и магдоносот исцедени од водата и додајте ги џигерчината и останатиот путер (40 гр).
  6. Блендирајте ги додека добиете изедначена мазна смеса. Притоа додајте неколку лажици (10 -на) или по потреба од течноста во која варело месото за паштетата да не биде премногу сува. Пробајте ја за вкус и ако е потребно додајте сол, црн пипер или зачин.
  7. Готовата паштета ставете ја погоден сад и оставете ја малку во фрижидер да се разлади пред да ја мачкате на лепче. На здравје!

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Ви препорачуваме да го прочитате и рецептот: Домашна пилешка паштета.

Сподели: