Домашно крем сирење - лабнех 1

Домашно крем сирење – лабнех и идеи за негово сервирање

Вкусното домашно крем сирење – лабнех е специјалитет од Блискиот Исток, а се добива со цедење на кисело млеко. Има благ вкус и потсетува на крем сирење. Со него може да си направите вкусни топчиња за мезе или корпички од краставица. Како и да го употребите, има декоративен изглед кој ќе ја краси вашата трпеза за разни поводи и прослави. А, може да се послужи и како лесно предјадење, па прочитајте до крај.

Никогаш полесно, а вкусно и тоа како. Пријателите ќе ве обожаваат!

Домашно крем сирење - лабнех 2

Состојки:                                                                                                

За лабнех крем сирење од кисело млеко:

  • 400 г кисело млеко
  • ½ лажичка сол
  • зачински растенија по желба (магдонос, босилек и сл.)
  • крупно мелен црн пипер
  • толчена лута пиперка
  • сечкани лешници по вкус
  • сол по вкус

За корпички:

  • 1 краставица
  • 1 чешне лук
  • шунка по желба
  • маринирани печурки по желба
  • зачини по желба

Подготовка:

  1. Најпрво земете газа за цедење. Ставете ја на цедилка, а потоа врз некој подлабок сад.
  2. Во киселото млеко додајте половина лажичка сол и добро промешајте, а потоа турете го во цедалката обложена со газа.
  3. Газата подврзете ја и врз неа ставете помал сад и тегла со цел да вршат притисок, за полесно да се процеди течноста од киселото млеко. Оставете вака да се цеди од 10-12 часа или преку ноќ, а притоа да стои во фрижидер. Колку подолго ќе се цеди, ќе добиете толку поголема количина на фино крем сирење кое подоцна може да го искористите за многу намени.
Домашно крем сирење - лабнех 2

Како најдобро да го употребите?

 Има различни начини и тоа:

  • Течноста може да ја ставите во кифлички. Ова е совет од нашата пријателка Лана. На крајот од цедењето, на дното од садот ќе остане бистра водичка која може да ја искористите за месење на кифлички.
  • Обликувајте топчиња за мезе. Киселото млеко, кој станало кремасто и цврсто може лесно да го обликувате во топчиња од сирење. Обликуваните топчиња по ваша желба може да ги извалкате во сечкани зачини, толчена лута пиперка, сечкани лешници и сл. И на овој начин да ги послужите како лесно предјадење.
  • Складирајте за мезе. Вака подготвените топчиња не мора да ги употребите веднаш. Едноставно ставете ги во тегла и прелијте ги со маслиново масло, додајте зачини по ваша желба и ставете ги во фрижидер каде може да ги чувате и до 10 дена.
  • Направете корпички од краставица со фил од крем сирење. Финото крем сирење кое го добивте на овој начин е совршено за полнење на корпички направени од издлабена краставица. Најпрво измијте ја краставицата, декоративно излупете ја и исечете ја на парчиња со должина од 4-5 см. Секое парче внимателно издлабете го, така што ќе добиете интересни мали корпички од краставица. Средината која сте ја издлабиле од краставицата исечкајте ја на ситни коцкички и помешајте ја со добиеното крем сирење. Посолете по вкус, додајте ситно сечкан лук и зачини по вкус. По ваша желба може да додадете и ситно сечкана шунка, маринирани печурки  и сл. Со оваа мешавина наполнете ги корпичките од краставица. На крај, може да направите и малечки дршки од краставица за корпичките. Совет плус: Овие корпички најдобро е да ги направите пред служење.

Ви препорачуваме да прочитате: Како да направите домашно крем сирење.

Сподели: