Здрави кори од тиквички 1

Здрави кори од тиквички

„Брзо и лесно, а што е важно здраво и вкусно! Не чекајте тиквичките да ви се расипат во фрижидерот и да ја изгубат свежината, наместо тоа претворете ги во здрав оброк. Така, ако сакате од оброкот да добиете свежина и енергија за наредните часови во денот, пригответе си домашни и здрави кори од тиквички. Многу се убави и за да бидат дел од ручекот, а прекрасни се и како лесна вечера. Испробано ми е многу пати, сите дома ги обожаваме кога се направени на овој начин! “- споделува Катерина од нашиот тим.

„Во делот каде ја опишувам подготовката, може да прочитате и предлози како да ги комбинирате и сервирате за да бидат комплетен оброк. Наликуваат на салата, а одлични се и во комбинации за главно јадење.“ – вели Катерина Шамбевска Спасеновска, а за повеќе интересни рецепти од неа, погледнете го нејзиниот Инстаграм профил @katerina.shambevska.

Здрави кори од тиквички 2

Како да изберете најдобро кога купувате?

Кога ги купувате на пазар, внимавајте кората да е сјајна, неоштетена и свежа. Тврдата кора покажува дека тиквичката е зрела или презреана. По купувањето чувајте ги во најлонска ќеса во фрижидер.

Неколку факти зошто се корисни за здравјето

Енергетската вредност на 100 грама тиквички е 17 калории. Тие не содржат заситени масти и холестерол. Позитивни и значајни се во превентивата од атеросклероза, срцев удар и мозочен удар.  Благодарение на високиот процент на вода и растителните влакна, тиквичките се идеални при диети и здрава исхрана, превенираат појава на запек и го намалуваат ризикот од канцер на дебелото црево. Редовното консумирање на тиквички помага за намалување на покачениот холестерол и триглицеридите во крвта. Тиквичкитe особено се препорачуваат за дијабетичарите, бидејќи ја намалуваат ресорпцијата на глукозата во организмот. Додека пак, фитонутриентите кои се во состав на тиквичките, делуваат антиканцерогено, бидејќи спречуваат мутирање на клетките.

А сега, да се вратиме на рецептот за здрави кори од тиквички, вели Катерина Шамбевска Спасеновска.

Состојки:

За една порција:

  • 2 мали и млади тиквички.

Подготовка:

  1. Во сад на оган ставете вода да зоврие.
  2. Тиквичките измијте ги добро и потоа изрендајте ги на најкрупната страна на рендето, така што ќе добиете форма кругови кои наликуаат на тенки кори. Тиквичките треба да бидат млади и со нежна кора, затоа што не се лупат.
  3. Откако водата ќе зоврие, ставете ги претходно припремените тиквички.
  4. Оставете ги во врелата вода 2 до 2 .5 минути.
  5. Во меѓувреме припремете друг сад со ладна вода и откако ќе помине потребното време корите од тиквички, префрлете ги од садот со врелата во садот со ладната вода.
  6. Оставете ги така 5-10 минути, па исцедете ги.
  7. Исцедените кори од тиквички се спремни за да ги комбинирате по желба и да ги сервирате. Мој предлог би бил да ги зачинете со малку хималајска сол, прстофат црн пипер, сирење и павлака за кремаст вкус и изглед. Може да ги јадете и со сос од месо. Испробано вкусни! На здравје!

Препорака од авторот:

Обожавам, брзи, вкусни и лесни рецепти! – Па, ако ви се допадна предлоговразгледајте ги моите профили каде објавувам испробани рецепти креирани во мојата кујна и заследете ме:

Автор на рецепт и фотографии: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.

Ви препорачуваме да прочитате: Лесен рецепт за печени тиквички со деликатесен фил за 15 минути.

Сподели: